Изложбата „Фрагменти од НАС“ претставува интимно визуелно истражување на жената како слоевито суштество — тело, мисла и дух — изразено преку специфичниот јазик на лумен принтот, фотографски процес во кој сончевата светлина делува како ко-автор.
Во оваа серија, уметницата му дозволува на моментот да се случи природно, да се впие и да остави трага. Просторот на изложбата е концептуално поделен на три столба на постоењето, претставени преку три женски силуети, создадени исклучиво со лумен техника.
Кети Талевска Бакревска (Битола) е фотографка која работи со алтернативни фотографски процеси како лумен принтови, цијанотипија, класична аналогна фотографија и камера обскура. Нејзините дела се инспирирани од природата, светлината и трагите што тие ги оставаат на хартија.
Зад себе има реализирано две самостојни изложби и учество во повеќе регионални и европски проекти. Често е дел од жири-комисии на фотографски изложби, а преку работилници активно го споделува своето знаење и искуство во областа на алтернативната фотографија.
