Поради неповолните временски услови, изложбата предвидена да се одржи на островот Голем Град во Преспанското Езеро, беше поставена на отворено на пристаништето во Стење.
Во делата што беа претставени на изложбата на отворено доминираат габите и лишаите како медиум, а некои се посветени на Голем Град или во нив се употребени интересни или ретки видови габи карактеристични за островот. Сликите се во комбинирана техника, при што се користени и акрил, борова смола, рачен вез, дрвени струготини, влакна од коноп, рафија, иситнета хартија и пеперутки. Габите и лишаите се добиени од суви збирки или преку лични теренски истражувања, во соработка со научниците од Миколошката лабораторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, особено околу одредувањето и податоците за видовите.
Микориза е симбиоза помеѓу габа и корења на васкуларно растение. Во таа врска, габата добива некои од шеќерите од растението, а тоа има полза од внесот на минерални материи или вода преку габните хифи. Понекогаш габата е слабо патогена, но има и случаи каде растението се храни од габата.

Изложбата е поддржана од Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации во Македонија, во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на биолошката разновидност – 22 мај.
Кристина Зимбакова (1975) негува интердисциплинарен пристап кон ликовната уметност. Симболичниот и експресивен израз, габите како медиум, вметнувањето поетски мотиви и текстуални елементи како и богатата текстура се клучни обележја на нејзиното творештво. Оваа е нејзина петта самостојна изложба во земјава, а учествувала и на повеќе групни изложби во Англија, Шкотска, САД и Словачка. Нејзини дела има и во збирките на Универзитетот “Оксфорд” во Англија, Колеџот “Смит” во САД и Амбасадата на Р. Македонија во Вашингтон.