Книгата „Животот на литературната класика“ од бугарскиот книжевен истражувач, критичар и издавач Пламен Тотев деновиве ја објави издавачката куќа „Македоника литера“ од Скопје.
Во книгата на Тотев бара одговори на прашањата како што се кои се главните карактеристики на класичните епохи и книжевните трендови од антиката до денес, кои се иконите автори и дела што се задолжителни за секој читател, како и кои се доминантните теми и прашања.
-Книгата фрла светлина врз историскиот развој на античката и европската литература, давајќи упатства – кој е кој и каде е во книжевно-историскиот процес, кои се моделите во развојот на големата светска литература, кои се закономерностите во развојот на големите светски литератури низ вековите, кои се најважните особености на класичните епохи и правци од древноста до денес, наведува за книгата издавачот.
Освен информациите за главните литературни епохи и правци од антиката и ренесансата до модернизмот, книгата вклучува и анализи на класични дела како што се „Илијада“ на Хомер, „Цар Едип“ на Софокле, „Подвизите на Александар“ на Калистен (Псевдо-Калистен), „Робинсон Крусо“ на Д. Дефо, „Грофот Монте Кристо“ на А. Дима, „Чичко Горио“ и „Изгубени илузии“ на О. де Балзак, „Црвено и црно“ на Стендал, „Ругон-Макарови“ од Е. Зола, „Бел Ами“ на Ги де Мопасан, „Големите надежи“ на Дикенс, „Панаѓур на суетата“ на В. М. Текери, „Злосторство и казна“ на Достоевски…
Напишана разбирливо и читливо, книгата придонесува за популаризација на врвната светска литературна класика кај широк круг читатели.
Преводот на книгата е на Предраг Димитровски.
Пламен Тотев (1964) дипломирал бугарска филологија на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Специјализирал историска поетика на бугарската литература. Објавил стотици литературно-критички и книжевно-историски написи, рецензии на книги, статии за проблемите на литературата, издаваштвото и културата. Автор е на три книги од областа на историјата на книжевноста, на дваесетина учебници и учебни помагала по бугарски јазик и литература, составувач е на антологии со светска и бугарска класична поезија.. Добитник е на наградите „Бојан Пенев“ за книжевна критика и на весникот „АБВ“.
Живее во Софија и работи со издаваштво. Во 2004 година ја основа својата издавачка куќа „Персеј“, која стана еден од најактивните и најреспектабилните издавачи во Бугарија. Во 2015 година ја формираше втората своја издавачка куќа „Изида“, која исто така работи успешно. Двете издавачки куќи издаваат одбрана класична и современа литература, а во нивните издавачки продукции посебно место зазема и современата македонска литература.
Двете издавачки куќи станаа главните што објавуваат, промовираат и наметнуваат македонски писатели во Бугарија. Објавиле дела од автори од различни генерации, како Луан Старова, Оливера Николова, Владимир Плавевски, Јагода Михајловска-Георгиева, Киро Донев, Паскал Гилевски, Драги Михајловски, Томислав Османли, Душко Родев, Влада Урошевиќ, Венко Андоновски, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Димитар Башевски, Сашко Насев, Оливера Ќорвезироска, Горјан Петревски, Александар Прокопиев, Митко Маџунков, Винка Саздова, Фросина Пармаковска, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Михајло Свидерски, Живко Грозданоски, Ненад Јолдески, Натали Спасова, Игор Станојоски, Владо Димовски, Вера Калин, Стефан Марковски, Ѓорѓи Крстевски, Ксенија Николова…
Поточно, досега се објавени близу 50 книги од 34 македонски автори. Речиси сите овие писатели ја посетија Бугарија за промоција на своите книги, со многу настапи во медиумите и со средби со читатели. Во неговиот роден град Ловеч, во 2021 година, се одржаа Деновите на македонската литература, посочуваат од „Македоника литера“.