Од печат денеска излезе збирката раскази „Скопски дамари“ од реномираниот македонски писател Благоја Иванов, со поднаслов „автентичен книжевен вкус на старо и ново Скопје низ дваесетина антологиски раскази “.
Се работи за 184 издание во едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“, чиј визуелен дизајн е дело на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е поддржано од Град Скопје. Книгата денеска ќе може да се купи по промотивна цена во книжарницата „ИЛИ-ИЛИ“.
Од Издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ наведоа дека изборот на расказите го направил Игор Анѓелков, кој во освртот кон збирката нагласува дека Иванов, заедно со Славко Јаневски, Влада Урошевиќ и Димитар Солев, е континуираниот хроничар на скопските случувања во неговите дела од пред Втората светска војна до денешен ден.
– Сето она што го раскажува Иванов во своите приказни за Скопје, како ретко кој македонски писател, создава своевидна мапа на градот, карта од која извира животна сила составена од нерви и крвни садови за силна пулсација на урбаното битие, која содржи и разни пукнатини и шуплини пред кои не смее да се затворат очите и кои треба да се забележат и прераскажат. Така Скопје на суптилен начин станува засебен лик во оваа збирка раскази, град-личност кој секогаш е подготвен да ја покаже својата сила, „небаре сениште кое тешко ја поднесува дневната светлина“, но тој е и „брод со драгоцен товар“ на кој секогаш ќе му се навраќаме во нашите книжевни творби. Со почит кон Скопје, и особено кон Благоја Иванов, Ви посакувам пријатно патување низ скопските книжевни дамари, засолнати од заборавот на ова посебно место, во оваа драгоцена книга, напиша Анѓелков.
Благоја Иванов (1931) е македонски раскажувач, романописец, есеист, критичар и драмски автор. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје, директор на Телевизија Скопје и професор на ФДУ. Долги години го уредувал списанието „Млада литература“, а бил и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член е на ДПМ од 1958 година и негов претседател во два мандати. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Добитник е на наградите: „1 Мај“, „Недела на радио драмата на ЈРТ“, „Рациново признание“, „Кочо Рацин“.