Познатиот македонски поет Михаил Ренџов во поетската едиција на скопски „Макавеј“ ја објави новата поетска книга „Издишки“.
– Поетот Михаил Ренџов е веќе меѓу иконите на македонската современа поезија. Нежниот и емотивен лиричар со новата книга со наслов „Издишки“ јасно напомнува дека се посветува на нова тема која го потенцира и го става во поетска разработка залезот на човековиот живот, пишува во препораката кон книгата поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски.
Од Книгоиздателеството „Макавеј“ информираат дека оваа книга на Ренџов пленува со лежерноста на опсервацијата и со леснотијата на извлекувањето на поентите.
Ренџов е автор на дваесетина поетски книги, неколку книги раскази, носител е на врвни македонски и меѓународни поетски награди. Негови книги се преведувани на десетина светски јазици.