Голема свадба по сите старински свадбарски обичаи ќе прават Љупчо Петровски од Делчево и Тања Димитрова од Симитли, Бугарија, на 11. Пијанечко-малешевска свадба.
Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев“ од Делчево денеска објави дека е одлучено од петте апликации пристигнати на конкурсот годинава брачен пар на традиционалната свадба да бидат 48-годишниот Петровски и 36-годишната Димитрова.
– Пред да ја донесеме одлуката со сите кандидати направивме интервју, но пресудно за оваа одлука беше тоа што невестата е од Симитли, а Делчево и градот Симитли се збратимени градови. Па, на овој начин ќе придонесеме за засилување на соработката на двете општини, но и можност да ги истражиме свадбраските обичаи кои се чуваат во пограничниот град Симитли во соседна Бугарија. Очекуваме многу гости и делегација од Општина Симитли на оваа наша традиционална манифестација која полека но сигурно прераснува не само во бренд на Источна Македонија, туку и во земјава, истакна Реџепов.
Младоженецот Љупчо Петровски е познат спортист и тренер на ЖКК „Клубски –Патриот“ кој во 2013 година го освои и Купот на Македонија, а Тања е студентка. За нив била пресудна почитта кон традицијата, а свадбарските обичаи во двата збратимени града не се разликуваат многу иако ги дели државната граница.
– Сум имал прилика да присуствувам и на Галичката свадба и сметам дека и оваа Пијанечко-малешевска свадба може да го достигне тоа ниво. Со нашето учество се надевам дека ќе придонесеме за збогатување на манифестацијата и за уште едно успешно издание на традиционалната свадба во Пијанец и, секако, да дадеме наш придонес во сочувување на старите свадбарски обичаи, онака како што ги негувале нашите стари, рече Петровски.
За невестата Тања Димитрова учеството на оваа свадба е предизвик. -Ова е многу убава традиција. Денес многу не се чуваат старите свадбраски обичаи но јас многу добро ги познавам обичаите и можам да кажам дека нема многу разлика во обичаите овде и кај нас, рече Димитрова.
Свадбата ќе се одржи на 2 септември и, за разлика од претходните години, ќе почне по 15 часот со традиционалното облекување на младоженецот и невестата, со големо дефиле и венчавка во црква, по што сите свадбарски адети ќе бидат изведени на сцена на отворено во Делчево.
Пијанечко-малешевската свадба е дел од 41. Меѓународен фолклорен фестивал, каде е најавено учество на 15 фолклорни друштва од Македонија и од странство. Организатор на овој празник на фолклорот и традицијата и оваа година е КУД „Гоце Делчев“, покровител е Општина Делчево, а манифестацијата е поддржана од Министерството за култура.