Избрани дела во пет книги од современиот македонски поет, есеист, литературен критичар, преведувач и издавач Бранко Цветкоски по повод 60-годишнината од животот и 40-те години од стартот во современата македонска литература е новиот крупен издавачки проект на Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје.
Првата и втората книга од Избраните дела на Цветкоски на простор од по 400 страници презентираат селекција од поетското творештво омеѓено меѓу првата поетска збирка „Својок“ и дванаесетата книга „Оган во обрачи“. При тоа кон поезијата на Цветкоски со обемни предговори се обраќаат академикот Георги Старделов и поетот и литературен критичар Санде Стојчевски.
– Во текстовите, низ два различни толкувачки пристапа, се нотира респективното место и високиот придонес на лириката на Цветкоски во развојот на современата македонска литература, наведува издавачот.
Третата книга донесува ригорозен избор на есеистичката и критичарската актива на Цветкоски, при што, на повеќе од 400 страници со заеднички наслов „Повисоко од животот“ се објавуваат есеи, анализи и критички согледби на Цветкоски посветени само на 25 исклучителни македонски и странски поети, меѓу кои – Анте Поповски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Евтим Клетников, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, Раде Силјан, Братислав Ташковски, Јордан Даниловски како и Васко Попа, Еуџенио Монтале, Љубомир Левчев и други.
Во четвртата книга со наслов „Поезија – пајажина“ се презентирани 38 текстови (есеи, толкувања, беседи) посветени на поезијата на Цветкоски од исто толку реномирани македонски есеисти, критичари и толкувачи како Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Слободан Мицковиќ, Ванко Андоновски, Веле Смилевски, Раде Силјан, Ферид Мухиќ, Тодор Чаловски, Иван Џепароски, Ангелина Бановиќ – Марковска, Кристина Николовска, Владимир Мартиновски, Мите Стефоски, Иван Антоновски и други.
Во својот есеј Венко Андоновски, меѓу другото, истакнува дека „станува збор за поезија со сопствена еволуција која се доживува како спиритуално искуство од прв ред во македонскиот поетски дискурс денес, тоа е голема поезија токму затоа што постојано се става себеси на преиспитување и ги тестира крајните можности на поетскиот дискурс како медиум“.
Во последната книга, која е поделена на два обемни тома од по 500 страници Избраните дела ја осветлуваат меѓународната димензија на афирмацијата на поетското творештво на Цветкоски при што се селектирани и објавени 15 одделни изданија на поезијата на овој наш реномиран автор на албански, англиски, азерски, арапски, бугарски, грчки, монголски, полски, романски, руски, српски, турски, украински, хрватски и на шведски јазик.
Бранко Цветкоски за своето поетско творештво е носител на врвни македонски книжевни и општествени награди, меѓу кои и на Книжевниот жезол на ДПМ и на државната награда за долгогодишни остварувања од интерес на Република Македонија – „Свети Климент Охридски“. Тој е добитник и на осум меѓународни книжевни награди, меѓу кои „Христо Ботев“, Европски орден на Обединетите нации, како и ордените „Владимир Мајаковски“ и „Сергеј Есенин“.
Проектот Избрани дела од Бранко Цветкоски, кој е објваeн деновиvе, е реализиран со делумна помош на Министерството за култура на Република Македонија.