Издавачката куќа „Матица македонска“ објави Избрани дела од академик Блаже Ристовски. Во колекцијата од десет тома и над осум илјади страници, познатиот научник пишува за круцијални теми од македонската историографија, литература, публицистика и македонскиот фолклор, но и за политички настани и теми на нашиот етнокултурен простор од минатото до денес.
Во поговорот насловен „Живот и дело посветени на Македонија“, поетот и литературен критичар Раде Силјан констатира дека „Блаже Ристовски како верен и доследен следбеник на Мисирковите идеи, се придржува на фактите и во својата научноистражувачка работа секогаш поаѓа од нивната изворност, автентичност и непорекливост. Во исклучително плодните творечки години тој темелно ги истражи и научно ги согледа централните пројави во нашата историја: словенската писменост и христијанизацијата, државните формации во Македонија во средновековјето, почетоците и развитокот на преродбенскиот процес и борбата за обнова на Охридската архиепископија“.
Силјан пишува дека е голем влогот на Блаже Ристовски во афирмирањето на Македонското научно-литературно другарство во Петербург, кое е основа на новата епоха во македонската културно-национална мисла и акција.
– Исто така, неодминливи се и прилозите, во кои со вродено чувство за научна аргументираност говори за македонскиот културно-национален развиток, конкретно за првите писатели на родниот збор: Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, за Браќата Димитрија и Константин Миладиновци, за Рајко Жинзифов и Григор Прличев, како и за учебникарите Анатолија и Партенија Зографски, Кузман Шапкарев, Венјамин Мачуковски, Димитар Узунов и Ѓорѓија Пулевски. Посебно внимание заслужуваат студиите за македонскиот фолклор. Во овој поглед треба да се одбележат научните прилози за С. Верковиќ, за Миладиновци, М. Цепенков, К. Шапкарев и В. Икономов“, пишува Силјан, главниот уредник на изданието.
Блаже Ристовски е автор на над 70 одделни публикации. – Во името на овој наш посветеник на историската вистина, ние имаме научник од формат, кој во континуитет ја истражува и ја обликува долговековната историска слика на Македонија. Благодарение на неговиот научен ангажман објавени се најкомплетните монографски изданија за стожерниците на македонската национална свест: Ѓорѓија Пулевски, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Кочо Рацин и Јонков Вапцаров, соопшти издавачот.