Издавачот ПНВ Публикации ја објави стихозбирката „Мртво море меѓу нас“, што е прв превод на македонски јазик од црногорскиот поет, прозаист, новинар и музички критичар Жељко Миловиќ. Автори на препевот се Славе Ѓорго Димоски и Јулијана Величковска.
„Мртво море меѓу нас“ е избор поезија од шест поетски книги, кои досега се објавени од Жељко Миловиќ, како и неколку нови, необјавени песни. Изданието е поддржано од Секретеријатот за општествени работи на општина Бар, Црна Гора во соработка со меѓународната поетска манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ и издавачката куќа ПНВ Публикации.
Жељко Миловиќ и е познат на македонската книжевна публика. Тој два пати се има претставено со својата поезија на „Струшките вечери на поезијата“, а свое поетско читање имаше и во рамки на интернационалната „Поетска ноќ во Велестово“.
– Имајќи на ум дека современите црногорски автори воопшто не се застапени во литературата кај нас, дојдовме до идеја да го претставиме творештвото на Жељко Миловиќ, објавувајќи го овој избор песни во соработка со манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ и општина Бар, Црна Гора. Се надеваме дека вакви проекти ќе следуваат и во иднина и оти оваа меѓународна соработка ќе продолжи и понатаму, изјави Јулијана Величковска, директор на издавачката куќа ПНВ Публикации.
Поезијата на Миловиќ е жива и илустративна, ослободена од поетски клишеа и неврзана за поетски форми. Тој слика и известува, скоро како новинар и во своите песни, а емоциите и мислите навираат по читањето на песната, како вкус што се задржува во устата.
Жељко Миловиќ е роден во 1968 година во Бар, Црна Гора. Тој е поет, прозаист, есеист, новинар и музички критичар. Досега има објавено шест поетски книги, романот „Улицата на Ивица Шурјак и што се случи потоа“, а за збирката раскази „Тие денови, тие години“ ја доби наградата „Ќамил Шијариќ“ за најдобра прозна книга во земјата за 2006 и 2007 година.