Загрепската издавачка куќа „Филипид“ објави обемен избор од поетското творештво на македонскиот поет Бранко Цветкоски. Книгата со наслов „Молитвен веј“ („Молитвени дах”) на 140 страници презентира деведесетина песни од сите поетски книги на Цветкоски, а препевот од македонски на хрватски јазик го направија хрватската поетеса Дијана Буразер и македонско-хрватскиот преведувач и научник Борислав Павловски.
Во поговорот на хрватското издание од поезијата на Цветкоски, чиј автор е Павловски, меѓу другото се истакнува дека „во согласност со својот перфекционистички модернизам, кој постојано е во потрага по новото, Цветкоски создава посебен ритам и воопшто посебен строеж на своите песни кои се одликуваат со специфична мотивска поврзаност на стиховите со пребогатиот лексички арсенал на македонскиот јазик“.
Изданието содржи и обемна био-библиографска белешка за поетската, критичарската и преведувачката актива на Цветкоски, како и бројните меѓународни и македонски награди и признанија.
Цветкоски е автор на дваесетина книги поезија, критика и есеистика, на педесетина книги преводи и препеви од словенските јазици, а негови одделни книги или избори од поетскиот опус се преведени на 20 странски јазици.
Носител е и на врвни македонски книжевни и државни награди и на осум меѓународни награди за поезија, уметност и култура. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН-центар, почесен член на Сојузот на бугарските писатели и член и координатор за Македонија на познатата Словенска академија за литература и уметност со седиште во Варна, во која се етаблирани најзначајни литерати и уметници од 13 словенски земји.