Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими полскиот композитор и диригент, маестро Кшиштоф Пендерецки, кој гостува задутре во рамки на полската вечер на „Охридско лето“.
Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, очекува настапот на Пендерецки да даде посебен белег на ова издание на фестивалот.
Потенцирајќи дека „Охридско лето“ повеќе од половина век ја слави креативната духовна уметност преку музиката и театарот, шефот на државата во текот на разговорот изрази задоволство што македонската публика ќе има можност да проследи настап на светски значаен уметник, настап што истовремено е од особено значење и за афирмација на Република Македонија на светската културна мапа дотолку што концертот на маестро Пендерцеки во Охрид се одржува во годината кога низ целиот свет се реализираат концерти по повод јубилејните 80 години од неговото раѓање.
Маестро Пендерецки се заблагодари за гостопримството и изрази задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател кој традиционално е покровител на фестивалот „Охридско лето“. Полскиот композитор и диригент ја поздрави поддршката која претседателот Иванов во континуитет ја дава на културните манифестации и изјави дека се чувствува особено среќен и почестен што ќе настапи пред македонската публика во Охрид.