Иван Василевски е добитникот на наградата „Григор Прличев“ за 2013 година

Од:

 Иван Василевски е авторот на поемата во ракопис „Азбукословецот“, избрана за наградата „Григор Прличев“ за 2013-та што ја доделува  а.д. „Просветно дело-Детска радост“. По објавувањето на одлуката за наградата вчера, организаторот денеска го соопшти името на авторот кој на анонимниот конкурс беше пријавен  под шифра.

Василевски (1947, с. Босилово, Струмичко), дипломирал на Катедрата за југословенски книжевности на Филозофскиот факултет во Скопје. Работниот век го поминал, главно, во новинарството работејќи во повеќе редакции, а како дописник во Македонската информативна агенција-МИА замина во пензија.

Автор е на поетските книги „Привев во тишината“, „Црнорисци“, „Куќа на ѕвездите“, „Заточени души“, „Утки“ и „Кула во сонот“. Посебен интерес пројавува кон подолгите стихувани творби со лирско-епски карактер. Автор е на пет поеми „Наташа“, „Повеј во тишината“, „Александар“, „Петнаесетте“ и „Потомците на Чрт“  (последните четири се објавени и во посебна книга „Одмеѓување на светот“). За збирката „Утки“ ја доби и  наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Одлуката за доделување на наградата „Григор Прличев“ за 2013 година ја донесе жири во состав: Милован Стефановски, претседател, и членовите Бранко Цветкоски и Иван Чаповски.

– Поемата „Азбукословецот“ со поднаслов „Во слава на свети Климент премудриот кој посеа житница на неграмотна нива и кој со песна ги допира ѕвездите“ е кохерентна целина на исклучително стамен пев составен од 1.110 стихови поделени на три дела. Со цврсто потпирање на нашата традиција на веќе усвоените вредности и освоените вертикали на подолгите поетски творби со лирско-епски карактер, овојпат со наградената поема добиваме дело за кое речиси со сигурност може да се предвиди дека ќе заземе едно од значајните места во македонскиот поетски трезор, рече вчера претседателот на жирито Стефановски, соопштувајќи ја одлуката.

На годинашниот конкурс пристигнале 19 поеми во ракопис на македонски литературен јазик, а во најтесен избор биле и поемите „Сенка на векот“, „Седмиот ден“, „Лудобилје“ и „Цветот од Белица“.

Наградата „Григор Прличев“ на Василевски ќе му биде врачена на 5 февруари 2014 година во Охрид, на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска