На 5-от Меѓународен натпревар на класична музика „Арт ин Велес 2018“ Гран при наградата ја доби Иван Бобиќ, пијанист од Вараждин студент на Музичката Академија во Осиек, Хрватска.
Натпреварот се одржа за време на викендот во организација на здружението „Арт ин орг“ од Кавадарци. Натпреварувачки дел заврши синоќа со концерт на најдобрите музичари натпреварувачи и доделување на Гран при наградата на фестивалот, како и златни медали на најдобрите поединци во сите категори и статуетки на натпреварувачките групи.
На натпреварот кој се одржа во Музичкиот кабинет од ООУ „Блеже Конески“ во Велес имаше над 200 учесници, основци, средношколци и студенти, како и веќе искусни млади музичари во пет категории и тоа од Македонија, Србија, Хрватска и БиХ. Тие се натпреваруваа на клавир, саксафон, кларинет, труба, виолина, виола, флејта, гитара, соло пеење, камерна музика, оркестар и хор.
Воедно првпат се додели и плакета „Томислав Димов“ насловена по починатиот врвен виолинист и диригент, а ја доби Олег Најдовски од Кавадарци како за најдобра изведба.
Младиот пијанист и композитор која ја освои Гран при наградата, 23- годишниот Иван Бобиќ од Вараждин студент во завршна година на Музичката академија во Осиек изјави дека е среќен за наградата и оти многу му се допаднал квалитетот на овој натпревар. Потенцира дека наградата ќе му биде поттик на нови натпревари и награди.
– По првпат сум во Македонија,многу ми се допадна квалитетот на овој натпревар и организацијата. На овој натпревар изведов „Соната-заспано детство“ која е моја композиција на која работев шест месеци, а го симболизира преминот од детството понатаму. Потекнувам од музичко семејство, татко ми е композитор, мајка ми виолинистка, јас со татко ми не сум соработувал многу, но многу научив од него. За успех е потребно многу да свириш и да бидеш упорен, да ја сакаш и да и се препуштиш на музиката, потенцира Бобиќ, кој посака наскоро да има свој солистички концерт во Македонија.
Професорот по пијано од музичкото училиште во Велес, м-р Илија Настовски член на жирито и претседател на организацискиот одбор на фестивалот, во изјава за МИА, оценува дека натправарот бил со врвен квалитет.
– На натпреварите имаше просек и многу над просек, слушавме многу убава класична музика од барок до најмодерен модернизам на 21 век, видовме многу добри млади уметници и многу добри оформени уметници и уметници кои веќе се етаблираат како вистински уметници, потенцира Настовски.
Во рамките на Меѓународниот натпревар денеска Лазар Милетиќ, млад виолинист и диригент од Србија кој живее и твори во Норвешка, ќе одржи Семинар по виолина за учениците од ОМУ „Стефан Гајдов“ во Велес.