Во организација на издавачката куќа „Блесок“ и во соработка со СловоКулт, со поддршка од Гете Институтот и Друштвото за македонско-германско пријателство и соработка, во Скопје се одржа промоција на поезијата на Михаел Кругер. Неговата книга „После природата“ излезе 2012 година во издание на „Блесок“, изборот на песните и преводот од германски јазик е на Елизабета Линднер.
Михаел Кругер ја започнал својата дејност како литературен критичар. Во 1968 година станал лектор во издавачката куќа „Карл Ханзер“, а подоцна уредник за литература и директор. Издавачката куќа „Ханзер“ во која Михаел Кругер до 2013 година оставил значаен белег, е една од најважните издавачки куќи во Германија, дури 16 нејзини автори добиле Нобелова награда за литература.
Покрај неговата издавачка дејност, Михаел Кругер е успешен романописец, лиричар и преведувач кој е добитник на голем број меѓународни награди. Од 2013. е претседател на Баварската академија на уметностите.
Господине Кругер, неколку дена престојувавте во Скопје, па што мислите за градот?
Ова ми е прв пат во Скопје и ги посетив музеите, бев горе на ридот во Музејот за современа уметност, во пинакотеката на старата џамија, убаво е, да, а многу е интересно што овде во триесеттите години постоела извесна Модерна како правец во сликарството. Но, како прво мислам дека премногу се гради, а како второ се негува некој историзирачки стил, кој на некој начин е наполу носталгија, а наполу обид да се донесе до израз некоја општа Модерна. Новите градби не се од оние нешта кои мене ми се допаѓаат. Не се знае, што е тоа, што на крајот, би требало да го претставуваат.
Македонија во моментов ја доживува кулминацијата на политичката криза која, меѓу другото, е резултат и на суспендирањето на слободата на говор, на слободата на медиумите. Во тој процес многумина наши водечки интелектуалци избраа да молчат за тоа. Каков е Вашиот коментар за оваа ситуација?
Да, човек секако се надева дека интелектуалецот, кој е продукт на француската револуција, би требало да игра извесна улога за слободата на уметноста, за слободата на изразување мислење, за слободата на животот. Но, овде во Скопје човек гледа дека впрочем најсилните тенденции во овој град, според првиот впечаток што градот го остава, тоа се државата, која со сите овие градби сака да изрази моќ. И банките, има многу банки. А меѓу овие два елемента, интелектуалецот има малку шанси.
Зарем да се помириме со тоа?
Не, во никој случај. Човек не смее да се помирува со ништо, само, против државата и банките човек има малку шанси да се биде слушнат.
Каков е Вашиот став за односот помеѓу литературата и политиката денес?
Литература може да постои само доколку е слободна. Литературата која не е слободна не може да се нарече литература. Но, што значи тоа, дали тоа значи, дека би требало да се пишува полтичка литеартура или литература која се занимава воопшто со самиот човек, со состојбата на човекот, тоа е друго прашање. Литературата не е трактат. Литературата е поврзана со јазикот, и колку попрецизно ги употребуваме зборовите, дотолку таа станува поконкретна. Тоа го гледаме и во самиот поим слобода.
Секој зборува за слобода, но доколку би пишувал песна за слободата, тогаш тоа би морала да биде песна за тоа како луѓето живеат едни со други, а не за поимот слобода. Целокупната литература се занимава со прашањето како сакаме да живееме? Доколку живееме лошо и се чувствуваме измамени, тогаш тоа мора да го изразиме и во своите текстови.
Како долгогодишен директор на издавачката куќа „Карл Ханзер“ имате репутација на бескомпромисна посветеност на литература со високи вредности и на квалитет на поезијата и на преводите. На еден книжевен фестивал што неодамна се одржа во Скопје, писателите од регионот се пожалија дека се’ потешко е да се пробие квалитетната книжевност и уште потешко е таа да најде издавач и преведувач во друга земја
Да, навистина, се’ потешко станува да се пласира квалитативната литература, бидејќи надмоќноста на американската литература, или англо-американската литература е толку голема, што западните издавачи поскоро ќе објават книга од Англија или Америка, отколку книга од некој јазик што не го познаваат. На пример, би можело да се помисли, дека заради солидарност со Грција, ете, сега во Германија би требало да се преведува повеќе современа грчка литература, меѓутоа нема речиси ништо ново што е преведено од грчки на германски јазик. Од друга страна во Западна Европа во меѓувреме има толку многу литературни фестивали, на кои исто така гостуваат автори од поранешниот источен блок, но настапуваат и автори од Србија, Хрватска и така натаму, ситуацијата се менува. Но точно е дека во Западна Европа не може да се зборува за тоа дека, сите земји од Европа се присутни во литературата на другите земји, тоа не е така, во никој случај. Сепак, мислам дека со малку добра волја и, се разбира, малку поддршка од министерството за култура, ќе мора да се направат преводи, кои потоа можат да се презентираат во странство, а тоа секако значи време, и пари, и истрајност, но верувам дека со текот на времето, вистинскиот квалитет ќе се пробие. Кога имаше само една Југославија, имаше југословенска државна агенција која ги застапуваше сите автори од земјата. Во тоа време имавме многу повеќе преводи од ова подрачје отколку денеска.
На македонски јазик е објавена вашата поетска книга „После природата“. Имате кажано дека секој ден што е поминат без поезија е засекогаш изгубен
Гледајте, кога овде во македонскиот парламент или во државната банка или во некое енергетско или индустриско претпријатие наутро за време на седницата најпрвин би се прочитала песна, тогаш моментално би се променила целокупната атмосфера, поинаку би се зборувало: би се зборувало повнимателно, би се зборувало помалку претенциозно, – зошто тоа не се случува, не знам. Не знам зошто поезијата се наоѓа под толку лошо светло. Еве ние седиме овде под Александра Велики, а Александар Велики ја знаел литературата на своето време, тоа се подразбирало. Денеска, ниту еден политичар не знае ништо за поезијата на неговото време и затоа разликите се толку големи, овде е сè поделено, културата, стопаснтвото, политиката, парите.
И да, тоа е универзална состојба, а се појави со Модерната. Макс Вебер, познатиот социолог, веќе зборуваше за таа поделба. А како поминува времето, растојанието меѓу нив се зголемува; но, сега имаме ново средство за комуникација, имено интернетот, па се мисли дека тој на некој начин ја петставува можноста сите овие области повторно да се зближат. Но, тоа ќе го знаеме за 50 години, а тогаш ќе бидеме веќе мртви.
Познато е дека сте во процес на пишување нов роман
Денеска во хотелот работев два часа на романот. И напишав четири реда; оди многу бавно, а бидејќи животот ни е краток, ќе морам да побрзам. Во романот се работи за прашањето, што е она што на секој еден човек му припаѓа? Што е она што го сочинува? Она нешто што му припаѓа само нему и на никој друг, нешто кое не мора да го дели со други, ниту во врска со економијата, ниту во врска со политиката, ниту со семејството. Би можело да се каже дека е тоа најголемата егоцентричност што човек може да си ја замисли, за да дознае, што е она што нè одредува? За тоа се работи во романот. Дали е тоа заработувањето пари, дали е тоа воспитанието, дали е државата, училиштето, црквата? И кога сето тоа ќе се одземе, ќе се тргне на страна, ќе се апстрахира, што е она што преоостанува? Секоја институција сака да има дел од нас, но некаде во нас, мора да постои некое место, каде сум јас само јас. Со други зборови, романот ќе биде многу досаден. Ќе биде филозофски.
Александра Бубевска
Превод на интервјуто од герамански јазик: Елизабета Линднер