По повод Кинеска нова година, Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од утре до 16 февруари ќе одржи интернет-саем на кинески книги кои ги има објавено.
На петдневниот е-саем „Македоника литера“ ќе понуди и ќе претстави педесетина репрезентативни кинески книги од областа на кинеската култура, културна историја, класична филозофија, историја и белетристика.
Меѓу другото, ги има објавено најпознатите филозофски класици, ја објавува и серијата „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“, од која досега се публикувани шест тома, а ќе ги објави деветте предвидени тома по нивното публикување во Кина, кое треба за заврши оваа година.
„Македоника литера“ информира дека ја објавува и серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“. Во рамките на таа едиција досега се објавени 13 тома со избор од прозното творештво на најпознатите кинески писатели за деца и млади. Минатата година објави и седум книги од најпознатиот и најпродаваниот писател за деца во Кина, Шен Шиси, познат и како „кралот на приказните за животни“.