Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје ја објави познатата драма на шведскиот писател и еден од најпознатите драмски писатели во светот Аугуст Стриндберг – „Игра на соништата“, во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ.
Стриндберг во драмата „Игра на соништата“ низ призмата на сопствениот бурен живот се обидува да толкува што значи да се биде човечко суштество. Драмата е базирана врз фантастични мотиви од сказните за ќерката на богот Индра, која од небото се спушта на земјата за да дознае како живеат луѓето. Го среќава Поетот, кој станува нејзин водич и гласноговорник на луѓето. Тие заедно ги испитуваат сите несреќи, неправди и страдања што се дел од животот.
Аугуст Стриндберг (1849-1912) е најзначаен шведски писател на преминот од деветнаесеттиот во дваесеттиот век. Пишувал романи, новели, песни, критики, есеи, писма, но највисоки дострели остварил во драмите, посебно во натуралистичките, како на пример, во „Госпоѓица Јулија“ (1889), во која е поместен и предговор, значаен манифест на натурализмот. Неговите драми „Игра на соништата“ (1901) и „Сенишна соната“ (1907) се сметаат за остварувања што му претходат на експресионизмот. Со неговите светски прочуени драмски текстови се смета за еден од зачетниците на модерниот театар.
Освен „Игра на соништата“, „Македонска реч“ од Стриндберг досега ги објави и драмскиот текст „Пеликанот“, првиот и вториот дел од автобиографскиот роман „Синот на слугинката“, романот „Селани од островот“, а наскоро и романот „Црвената соба“ – сите првпат на македонски јазик, и сите во превод на Челиковиќ.