Во издание на „Македоника литера“ од Скопје на македонски јазик е објавен романот „Божествени дечиња“ на хрватската писателка Татјана Громача, за кој доби две високи и реномирани книжевни награди во Хрватска за 2012 година: државната „Владимир Назор“ и наградата „Јутарњи лист“ за најдобра прозна книга на годината, а бешеи финалист за наградата за роман на „Т-портал“.
Романот доби многу позитивни оцени од книжевната критика и првенствено е оценет како роман со извонреден стилски исказ, како роман со темни, тегобни и трауматични теми, каде што личната траума е поставена на едно повисоко ниво – во општествениот контекст.
Издавачот навдува дека тема на приказната во „Божествени дечиња“ се душевните болести на човекот, но и на општеството и дека Громача е бескомпромисна, директна, отворена и жестока во раскажувањето.
– Во книгата Божествени дечиња авторката дисциплинирано и дистанцирано, а нурнато, прецизно, стилски одмерено и внимателно, проговорува за судбината на својата мајка, за нејзината болест, за растројството на транзициското општество што не ги прифаќа оние што се различни без оглед дали различноста се препознава со лично или со јавно означување, пишува во образложението на Одборот за наградата „Владимир Назор“.
Татјана Громача (Сисак, 1971) завршила компаративна книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб. Се занимава со новинарство – една деценија пишуваше за неделникот „Ферал трибун“ од Сплит, а денес пишува за „Нови лист“ од Риека, каде што живее.
Автор е на книгите: „Нешто не е во ред“, поезија (2000), „Црнец“, роман (2004), „Бели врани – раскази од Истра“ (2005), „Божествени дечиња“, роман (2012), „Премолчувања, забележувања, восхити“ (2014).
Книгите и се преведени на многу европски јазици, гостувала на повеќе фестивали и читања. Според романот „Црнец“, риечкиот театар постави успешна и наградувана театарска претстава. Романот од хрватски на македонски го преведе Ленче Тосева.