Хедвиг Фејен, директорка на биеналето „Манифеста“ ќе одржи предавање во МСУ

Од:

Утревечер (среда) во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје предавање ќе одржи Хедвиг Фејен (Холандија), основач и директорка на Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста.

Доаѓањето на Фејен во МСУ – Скопје, првиот човек на Манифеста на едно од најзначајните уметнички биеналиња во Европа и четврто по ред во светот е ретка можност и за кураторскиот тим и за нашата публика.

Темата на нејзиното предавање во просториите на МСУ – Скопје е целосен преглед на концептот на Манифеста, ќе ги претстави претходните изданија на биеналето и ќе го објави концептот, програмата и развојот на престојното 14то по ред издание на биеналето со наслов „Манифеста 14 Западен Балкан“.

Организаторите, овој пат, го избраа градот Приштина, поради неговата географската и гео-политичката важност во рамките на западен Балкан се со цел да го развијат проектот „Манифеста 14 Приштина“.

Иако, седиштето на ова издание ќе биде во Приштина, биненалето ќе се реализира и во други градови од западен Балкан. Музејот на современата уметност – Скопје, годинава станува партнерска институција во организација на „Манифеста 14 Западен Балкан: Ко-производство на заеднички простор и обликување на формации на солидарност на Западен Балкан и пошироко“, кофинансиран од Европската Унија.

Како дел од програмата на Манифеста, во текот на наредните две години, Музејот на современа уметност – Скопје ќе биде организатор на програмска целина составена од дискурзивна и изложбена програма. Дискурзивната програма ќе се фокусира на функцијата на музеите на современа уметност во ерата на „Новата реалност“, која е обликувана од поврзани настани во текот на 2020 и 2021 година, како што се пандемијата, заклучувањата, затворените граници, одговорите на националистичката влада, непријателските еколошки политики, протести и сл.

За таа цел, Хедвиг и доаѓа во МСУ – Скопје, под чие раководство се одвиваат сите аспекти на организацијата Манифеста, вклучувајќи го и изборот на градови – домаќини за биеналето, тематска содржина и кураторска селекција.

На презентацијата ќе бидат присутни и Емилија Ван Линден и Нита Деда, координатори на Манифеста од Амстердам и Приштина.

Инаку, Манифеста започнува во раните 90ти години и се разви како патувачка платформа која се разликува од главните центри на уметничкото производство, отворајќи свеж терен и нова културна топографија. Номадскиот карактер на Манифеста е концепиран за да се истражи географската и психолошка територија на Европа.

Секое биенале на Манифеста ги истражува и одразува настаните во современата уметност и култура, ангажирајќи локална, национална и меѓународна публика со нови аспекти и форми на уметничко изразување за позитивните општествени промени во Европа.

Манифеста е проследена со низа активности, кои се протегаат во период од две или повеќе години, вклучувајќи студии, публикации, состаноци, дискусии и семинари што кулминираат со последната тримесечна програма. Па така, најновото издание на „Манифеста 14“ веќе почна да се реализира на различни локации низ западен Балкан од кои, дел и во Скопје, а тромесечната завршна прорама ќе биде реализирана од 22 јули до 30 октомври 2022 година.

Манифеста е практично посредник помеѓу меѓународна уметничка и интелектуална сцена, отворајќи дебати и фокусирајќи се кон специфични прашања на локалната заедница.

Целта е да презентира уметници, кустоси и млади професионалци од преку 40 различни земји, создавајќи врски со соседите на Европа во Азија, источниот Медитеран и северна Африка и се фокусира на вклучување на перспективите на малцинските групи и култури во самата Европа.

Претходните изданија се одржани во Ротердам (1996), Луксембург (1998), Љубљана (2000), Франкфурт (2002), Сан Себастијан (2004), Никозија (2006-откажано), Трентино-Јужен Тирол (2008), Мурча во дијалог со северна Африка (2010), Лимбург (2012), Санкт Петербург (2014), Цирих (2016) и Палермо (2018) и Марсеј (2020). За 2022 година Приштина е домаќин на биеналето.

Презентацијата во МСУ ќе биде реализирана со ограничен број од 30 седишта за публика и според актуелните владини протоколи во услови на пандемија со потврда за вакцинација или потврда за имунитет на Ковид-19 во последните 40 денови.

Би можело да ве интересира

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Директорката на Музејот на современа уметност се повлекува од функцијата

Се отвора изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ во Музејот на современата уметност – Скопје

Музејот на современата уметност со еколошки проект кон зачувување на здравата животна средина

Голема изложба на Музејот на современата уметност во Виена

Ретроспективна изложба на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност