Утре, со почеток во 19 часот, во Мобилна галерија ќе се одржи промоција и дебата за граѓанскиот активизам.
-“Граѓански активатор – Прирачник за граѓанско делување” е едно книже кое го сработивме со колегите, а во кое ги артикулиравме сите искуства и ставови околу нашето активистичко делување, комуникацијата со јавните институции, третманот на јавниот простор и сограѓаните.
Откако го промовиравме прирачникот во неколку града (Кратово, Делчево, Дебар, Кавадарци, Гевгелија и Прилеп), сакаме да ви го презентираме и вам. Ја имаме таа чест Ирена Цветковиќ да го промовира, а ние, авторите, можеме да одговориме на прашањата кои ги имате, велат авторите Никола Писарев и Филип Јовановски.
Во рамки на промоцијата ќе се одржи и дискусија/дебата на тема која, организаторите ја сметаат за централна во нашиот постојан процес на преиспитување:
“Овој активистички метод не функционира и треба да се смени”
Најавени се говорници од неформалното движење АМАН и Хелсиншкиот комитет за човекови права, претставници на иницијативи кои користат впечатливи методи на делување.
-Суштината на оваа дискусија е да видиме што не е во ред и што не функционира во овие навидум успешни примери, зошто ниеден не успеа да предизвика некаква промена, велат организаторите на овој настан.
Во овој контекст, на располагање ќе биде и кутијата за проблеми и предлози од граѓаните – теми за кои мислат дека треба да се покријат и начините на кои треба да се направи тоа. Тоа е и причината што овој настан е насловен како „Отворен ден за проблеми и предлози од граѓаните“.
А.Б.