„Град“ – ново поетско дело на Иван Џепароски

Од:

Во издание на „Ми-Ан“ од Скопје објавена е стихозбирката „Град“ на македонскиот поет, критичар, филозоф и естетичар Иван Џепароски.

Пет години по објавувањето на неговата поетска книга „Светлината на Света Гора“ (2015), за која ја доби нашата највисока поетска награда „Браќа Миладиновци“, Џепароски го менува топосот на своите поетски интереси посветувајќи ја книгата „Град“ на градот во кој го минал целиот свој живот – на градот Скопје.

На епистемолошки план книгата ја следи траекторијата од времето на римско „Scupi“, преку скопскиот земјотрес од 1963 година, што авторот како петгодишно дете и самиот го доживеал, па сè до денешни дни, додека на формален план таа содржи елементи и на епската поезија – епската широчина, одмерениот ритам, повторувањето, но и на лирската поезија – интимната, социјалната и интелектуалната лирика.

Поговорот на оваа книга е на академик Георги Старделов, кој ги истакнува белезите и доблестите на ова дело.

– Кога во една научна или уметничка област ќе се појави нешто подруго и поинакво, нешто што досега е невидено во неа, тогаш сето внимание на нејзините истражувачи е свртено и сосредоточено токму на него. Тоа нешто, во нашиов случај е седмата по ред поетска книга на Иван Џепароски, „Град“. (…) Сега ни станува сосема јасна, дури и круцијална идејата на книгата песни (…) да создаде нешто што јас го нарекувам компаративна поезија, поезија која ги опфаќа и споредува времињата на Scupi, римскиот свет, и времињата на Скопје како нов македонски свет. Книгата „Град“ е книга на сосем поинакви песни. Таа блика со многустрани и разнострани знаења и познанија. Неа ја одликува високорафинирана култура, сфатена, доживеана и обликувана како поезија и рафинирана поезија, сфатена доживеана и обликувана како култура. (…) Се обидувам во еден лаконски стил да го соопштам мојот последен суд како заклучок за неговата поезија од оваа книга. Мислам дека е таа интегрална, сестрана и сеопфатна поезија, пишува академик Старделов.

Иван (Ивица) Џепароски (1958, Скопје) е естетичар, теоретичар на културата, поет и критичар. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на триесет книги, и тоа: на седум поетски книги, на четиринаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на три поетски антологии и на шест теориско-есеистички избори.

За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004-2009; 2013-2020) и секретар на Македонскиот П.Е.Н. Центар (1999-2001; 2008-2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, итн.

Неговата поезија и некои од неговите теориски дела се преведени во посебни книги на над дваесет странски јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во превод на англиски, бугарски, српски, албански и романски јазик. Неговата антологија „Македонскиот есеј“ преведена е на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик, додека книгата „Уметничкото дело“ на албански јазик.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот