Во рамки на КРИК 07, во четврток, 23 јуни, во Сули ан ( Стара скопска чаршија, во просторот на ФЛУ) ве каниме на „Гозба или за љубовта” што претставува концептуален, перфромативен дијалог, во духот на Платоновите симпозиуми, каде што критичкото мислење за демократијата, уметноста, љубовта, пријателството и убавото се стимулира со храна и пијалак.
Имајќи го на ум огромниот празен простор во кој какофоничната развревеност ги испразнува од значења потенцијалните теми и содржини на разговорот, во рамки на КРИК 07 во оргнизација на Контрапункт, преку настанот насловен „Гозба или за љубовта“, се потсетуваме на дијалогот и неговото значење како алатка за општествена динамизираност и единствен излез од резигнираноста, како парадигма за демократијата, како што во срцето на Атенската држава, на полисот, го замислувале и практикувале Платон и неговите ученици.
Симпозиумите (Грчки: συμπόσιον symposion или symposio, од συμπίνειν sympinein, “да се пие заедно”), онака како што органски се практикувале, претпоставувале собири, гозби, на кои се разменувале низ раговор, низ дијалог важни прашања за уметноста, политиката, љубовта, пријателството – демократијата.
Околу трпезата се создава просторот на слободата, просторот на размена на критички мислења, просторот на заедницата. Така е од памтивек, така е и сега.
Обидувајќи се да ги исцртуваме просторите на слободата и на заедницата, истражувајќи ги ризоматските течења на концептите на демократијата во која се слеваат наративите и политиките на љубовта и на пријателството, ве покануваме на гозба посветена на разните, најшироки аспекти на занчењата на демократскиот дијалог посветен на теми кои ги заробуваат срцето умот – да се обидеме на заедничката трпеза да ги отплеткаме јазлите на мислењето и на чувствувањето, и со храна и вино да се обидеме да ги ре-обмислуваме слободата, копнежот, правдата, взаемноста.
Во дијалогот ќе нѐ воведат: Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Петар Милат (Хрватска), Милица Пекиќ (Србија) и Ивана Хаџиевска, под кромиларство на шефот на трпезата Артан Садику.
А сите ние ќе се впуштиме во дијалогот, аргументација, контрааргументација и во разговорот со сиот ерос и копнеж за вистинските бои на размената на заедничкото.
Ќе се обидеме да ги урнеме семантичките огради на елитистичката дискурзивна „оаза“ преку активното учество во дијалогот, во креативниот конфликт, со цел да го артиклуираме отпорот и коментарот на сознаеното, искуственото, промисленото општествено милје.
Во рамки на нашата Гозба, ќе бидат изложбено поставени и дијалошките видеа снимени во Србија, Косово и Северна Македонија.
Автор на видеата снимени во Скопје, Битола, Прилеп и Тетово е Ѓорѓе Јовановиќ. Авторка на концептот на настанот „Гозба или за љубовта“ е Искра Гешоска.
За проектот „Изведување демократија“
„Гозба или за љубовта“ е концепт на Контрапункт и на КРИК – фестивал за критичка култура, кој произлезе од едногодишното истражување насловено „Изведување демократија“ Овој проект е во партнерство со Киоск од Белград и ДокуФест од Призрен.
Што е демократијата денес? Што подразбираме кога говориме за демократија и кои се најважните впишани концепти без кои демократијата не може да функционира? Можна ли е демократијата? Постои ли нејзина алтернатива? Која е оптималната форма на демократија? Овие прашања се фундаментални за проектот Performing Democracy (Изведување демократија), кој е мотивиран од нашата потреба да разговараме за нив, создавајќи простор за што е можно поширок дијалог за состојбата и значењето на демократијата. Проектот се развиваше во две фази.
Првата фаза беше реализирана во Србија, а по нејзиното завршување во тимот на проектот се приклучија организациите Докуфест (Dokufest) од Косово и Контрапункт од Северна Македонија. Мотивацијата е заснована на верувањето дека треба да го преиспитаме поимот демократија и да се соочиме со предизвиците со кои сите се соочуваме денес надвор од строгите локални граници. Конструирајќи колективно партиципативно уметничко дело во соработка со граѓаните од трите земји-учеснички, проектот има цел да ја преиспита сложеноста на актуелниот момент, истражувајќи дали можеме да разговараме за значењето на концептите како што се толеранција, одговорност, солидарност и правда? Можеме ли да разговараме за овие прашања со луѓе со различни мислења? Можеме ли да разговараме за овие прашања со оние кои не ги делат нашите ставови, убедувања и вредности? Тргнавме од верувањето дека сегашниот момент бара не само обновување на дијалогот и можност за соочување со различни ставови на јавниот простор, туку и ново ниво на колективна имагинација, што подразбира хетерогени позиции и ставови. Се обидовме да вклучиме соговорници од цела Србија, Косово и Северна Македонија, кои имаат различни интереси, професии и услови за живот. Нивните размисли беа снимени како кратки видео изјави. Обидувајќи се да вклучиме во дијалогот соговорници со различни искуства, како и оние кои доаѓаат од различни полиња на идеолошкиот спектар, разговаравме со претставници на граѓански иницијативи, движења и организации, со претставници на политички партии кои ја прифатија нашата покана, како и со нашите сограѓани, од кои со многумина првпат се среќававме.
Многу соработници покажаа голема доверба во нас, нѐ пречекаа во нивните домови за да ги споделат со нас своите вредни мислења. Од почетокот на нашата работа на проектот на крајот на 2019 година во Србија, до финализирањето на видео-снимката на изјави во Северна Македонија и Косово, две години подоцна, заедно со целиот свет се соочивме со здравствена криза која ги оспори сите навики и постулати, кои ги одредуваа нашите начини на живеење до почетокот на 2020 година. Многу брзо пандемијата почна да еволуира во социјална, политичка и економска криза од која допрва ќе треба да ги разбереме последиците. Во вакви непредвидени околности разговаравме со 62 групи граѓани, иницијативи, активисти, професионални здруженија и политички партии, со цел да откриеме како денес се сфаќаат и демократијата и иднината. Одговорите што ги слушнавме беа крајно хетерогени и се движеа од гледна точка дека „суштината на демократијата е ангажираниот граѓанин, посветен на јавната благосостојба“ до гледна точка дека „демократијата е погрешна идеја заради тоа што човечката природа не може да функционира во таков систем“.