„Годишни времиња“ – прв роман на Јулијана Величковска

Од:

„ПНВ Публикации“ од Скопје го објави романот „Годишни времиња“ – прозно првенче на Јулијана Величковска, која на македонските читатели досега и беше позната како поет.

Во осврт кон делото, поетот и критичар Душко Крстевски пишува дека романот асоцира на албумот „Тен“ на „Перл џем“.

– Сличноста не е од некаква тематска поврзаност, туку од самиот факт дека нејзиниот прв роман како и првиот албум на групата е едно одлично склопено и со хируршко-писателска прецизност создадено дело. Прво, а совршено зрело. Краток роман за животот, краток роман за едно возење со автобус, кое одмотува слики од друго време, смета Крстевски.

Во однос на стилот и структурата на делото, Крстевски забележува дека во романот, како и во своите  книги поезија, авторката не се задоволува со линеарно дводимензионално претставување на нештата.

– Таа сака повеќе, многу повеќе. Песни, стихови, цртежи, извадоци од филмови, пак песни, гитарски соло делници, реминисценции на сликари… Дали е сето тоа правилно дозирано? Да, и тоа толку едноставно, а сепак префинето. Сите овие состојки и мирудии се правилно дозирани и крајниот производ од писателската „рерна“ е еден одличен краток, исклучително добар роман. Роман, кој не само што може да се чита, туку може и треба да се доживее со сите сетила и со сите хистерии и терапии на детството. Роман, кој треба да се прегрне како дете и во него истовремено да се бара и детето и жената. И архетипот и трипот, фолклорот и рокенролот, истакнува Крстевски.

Во освртот на Славица Гаџова, пак, меѓу другото, пишува дека романот на Величковска е „некаква чудна и чудесна комбинација на меко, топло, женско раскажување (со призвуци на детство, на бабина прегратка, на фолклор и фолклорна фантастика) и остро проникнување во апсурдите и контрадикциите на современиот, глобален свет“.

Јулијана Величковска (Скопје, 1982) дипломирала на катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на две книги: монографија „Дваесет години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ) и поетската збирка „Комарци“ (2010, ПНВ).

Пишува поезија, проза и преведува. Нејзините песни се препеани и објавени на неколку јазици, меѓу кои: кинески, англиски, српски, хрватски, словенечки, холандски, албански, чешки и италијански јазик. Учествувала на бројни поетски читања низ Македонија и Европа. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, Чешка и Италија, како и во една антологија на светската современа поезија објавена во Кина. 

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска