Младата французинка Гладис Авињон е годинешен победник на традиционалниот музички натпревар што секоја година се одржува на европските лајонс форуми.
Организаторот годинава одлучи младите музичари да се натпреваруваат свирејќи на инструмент флејта, кој како што посочуваат е најблизок на македонскиот кавал и инструмент кој најдобро ја отсликува ономатопејата на човековиот говор.
-За натпреварот во Македонската филхармонија се пријавија 17 учесници на возраст до 20 години, и тоа од Италија, Германија, Турција, Полска, Белгија, Романија, Естонија, Луксембург, Норвешка, Холандија, Португалија, Австрија, Шпанија, Литванија, Швајцарија и Лихтентајн, и секако од Македонија. Натпреварот беше исклучително квалитетен, а избраните учесници покажаа дека се талентирани, вредни и со љубов пристапиле кон инструментот флејта. Жирито имаше тешка задача, но и публиката исто така која со гласање додели награди, рече меѓудругото Пламенка Трајковска, академски музичар и член на организацискиот тим на Лајонс Европа Форум Скопје.
На победничката сцена, на Авињон од Франција и се придружија Наталија Игелман од Полска и Хавиер Сантос од Португалија, кои освен од жирито беа наградени и од публиката.
-Посакувам и порачувам овие музички таленти да продолжат да работат, да бидат поддржувани од своите наставници и да остварат успешна кариера свирејќи на прекрасната флејта, посочи Инго Брукман, координатор на натпреварот кој денес заврши на Лајонс Европа форум во Скопје.