Културно-забавната понуда на Охрид за денеска предвидува две интересни содржини, преку музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ со концертот на францускиот виолончелист Марк Копе и рускиот пијанист Питер Лаул во „Света Софија“, како и долго очекуваниот настап на Ал Ди Меола на Античкиот тетатар во рамки на фестивалот „Ohrid calling“.
Кога станува збор за виолончелистот Марк Копе, критиката го смета за еден од водечките виолончелисти на денешницата. Повеќе од 20 години тој е постојан гостин во концертните сали низ светот, како солист и како камерен музичар. Во неговиот репертоар може да се најдат дела од различни периоди, но најзначајно место зазема музиката на германскиот композитор од времето на барокот – Јохан Себастијан Бах.
Неговиот колега на пијано Петер Лаул е пијанист чија концертна дејност се протега речиси низ сите земји во Европа, но и надвор од границите на континентот. Настапува како солист и како камерен музичар, притоа соработувајќи со голем број значајни музички имиња и водечки оркестри. Добитник е на национални и интернационални награди. Има издадено повеќе компакт-дискови, а има остварено и бројни ТВ и радиоснимки во Русија и други земји.
Што се однесува на концертот на Ал Ди Меола, тој е еден од најпознатите светски гитаристи на денешницата. Ова е второ негово гостување во Македонија после 2008 година, а неговиот настап во Охрид вечерва е во рамки на промотивната турнеја за неговото последно албумско издание со наслов „Elysium“. Големиот гитарист веќе е во Охрид, каде најави дека ќе остане неколку дена за да ужива во убавините на нашето најпознато летувалиште.