Вчеравечер, во преполниот Салон на Македонската опера и балет, со фантастичната кореографската претстава „Тоа што телото не го памети“ во режија и кореографија на Вим Вандекејбус, почна 38-то издание на Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ 2013), во организација на Младинскиот културен центар-Скопје.
МОТ 2013 за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
-Ми претставува особена чест што сум дел од отворањето на манифестацијата со долга традиција на македонската културна сцена. Веќе 38 години Младиот отворен театар е фестивал на којшто се промовираат млади драмски уметници, но и докажани имиња од театарската сцена. Радува фактот, што и годинава МОТ го потврдува својот меѓународен карактер, прикажувајќи и на публиката 15 претстави на театарски групи од Белгија, Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија, Турција и секако од Република Македонија.
– Во 8-те фестивалски денови, љубителите на драмската уметност, ќе имаат можност да проследат и работилници, презентација на книги од областа на тетарот и промоција на монографијата на фестивалот. Се на се, програма која го потврдува и традиционалниот концептот на МОТ, истакна градоначалникот Трајановски.
Директорот на МКЦ,Златко Стевковски, вчеравечер, рече дека 38-то издание на МОТ, под мотото „Театар на црвената линија“, годинава е тука за да расправа за вкусовите. Вчерашната претстава е една од најзначајните претстави на белгиската театарската група „Ултима вез“ оригинално направена во 1987 година и премиерно изведена во Њујорк.
Она според коешто таа се издвојува од другите е авторската музика на композиторите Тиери де Меј и Питер Вермерш, како и кореографијата на Вандекејбус. Поради специфичноста на изразот, критиката на Њујорк Тајмс и Гардијан ја оценуваат претставата како исклучително иновативна и значајна и таа станува огромна сензација која ги поместува границите на театарската уметност на меѓународно ниво.
По исклучително големото внимание и позитивните реакции кои ги предизвика кај публиката во рамките на МОТ 2004 и 2005 година, со претставите Руменило и Исчистени, Вим Вандекејбус по трет пат учествува на фестивалот, овој пат настапувајќи со обновената „Тоа што телото не го памети“.
Во рамките на МОТ 2013, до 26 септември во Скопје, ќе се одиграат 15 претстави од кои 9 странски и 6 домашни. Во меѓународниот дел од програмата ќе се одиграат претстави од: Белгија, Италија, Турција, Србија, Хрватска и од Словенија, а во рамките на македонската програма ќе настапат Народниот театар од Битола, Театарот од Куманово и независниот алтернативен театар Вондерленд како и студентите од Факултетот за драмски уметности и Академијата ЕСРА.
Годинешнава програма е репрезент на она што е најактуелно и најдобро на регионалната, но и на светската театарска сцена, постојано програмски „натпреварувајќи се“ со регионалните фестивали.
Вечер, во 20 часот, во МКЦ, во рамки на МОТ, ќе биде изиграна претставата „Ноќна пеперутка“ на Националниот Театар „Иван Вазов“ од Република Бугарија, во 22 часот во МКЦ ќе се одржи промоција на книгата „7 ДРАМИ ОД БИХ“ од македонската театарска критичарка Лилјана Мазова, а половина час подоцна во МКЦ, ќе се одигра претставата „Прст“ во копродукција на Хартефакт и Битеф театар (Република Србија).