ФОТО: Почна снимање на филмот „Влакна“

Од:

По сценарио и режија на Елеонора Венинова и во продукција на Partes Social Advertising, денеска во Скопје почна да се снима краткометражниот игран филм „Влакна“. Во наредните седум дена ќе се снима на повеќе локации низ главниот град, на Скопска Црна Гора, како и во Битола.

Филмот е дел од сценарио за долгометражен филм во четири дела, развивано на скрипт-корнерот на 32. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

– „Влакна“ е драматична крими приказна. Професор по музичко од средно училиште чудно се справува со смртта на малолетната ќерка, детективка која се обидува да го разреши случајот борејќи се со сопствените демони, средношколка која предвреме пораснала, а сега бара начини за одмазда. Ова се трите ликови од филмот „Влакна“, информира продукцијата.

vlakna1film1

Режисерката Венинова почнала да го пишува сценариото додека живеела во Етиопија.

– Во рок од еден месец сменив живеалишта на три континенти и имав три различни реалности кои ми се мешаа во главата. Сакав низ една детективска приказна да ги третирам внатрешните демони на двајца сосема различни луѓе, еден дојденец, господин Херман, кој крие нешто од другите, и детективката Вели која крие нешто од себе, објаснува Венинова.

Според продуцентот Небојша Илијевски, со филмот се промовира активизмот во креативните индустрии, а сценариото има ангажиран контекст.

– Во денешен контекст на општествено поведување по најгласните трендови, во време на молчење за сопствените потреби, сметавме дека е важно кон филмот да придружиме и поширок контекст – активизмот.

– Во самата екипа имаме сериозни професионалци – филмот го развивавме со помош на многунаградуваниот директор на фотографија Миладин Чолаковиќ, а сценариото е развивано со Мартен Рабартс од Холандија во рамки на скрипт-корнер на „Браќа Манаки“. Од друга страна пак, како директни учесници во тимот имаме цела екипа на луѓе кои се првпат на филм. Продукциски гледано, тоа звучи ризично, но е во потполн склад со идејата за реинвестирање на ресурсите и капацитетите што ги поседуваме – назад во општеството, изјави Илијевски.

Во главните улоги (детективката Викторија Вели и господин Херман) се македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ од белградскиот театар „Ателје 212“,  кој има повеќе улоги во телевизиски серии и филмови,  познат по улогите во „Смрт на човекот на Балканот“ и во „Свети Ѓорѓе ја убива ламјата“.  Во актерската екипа се и Слаѓана Вујошевиќ и Марија Арсенкова.

Директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и Никола Анѓелковски, а изборот на костими го направи Верица Андреевска-Спасовиќ.  Филмот е поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Луѓето згрозени од новиот филм на Деми Мур

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Моника Белучи го слави 60-тиот роденден: Како изгледаше една од најубавите жени во светот низ годините

Првиот македонски долгометражен анимиран филм ќе има светска премиера на еден од најголемите фестивали за фантастика во светот

На „Браќа Манаки“ преставени кинематограферите Јошио Китагава, Азамат Дулатов и Јошико Такано

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Предраг Петровиќ

Ридли Скот најави нов филм и ја воодушеви публиката: „Веќе имам идеја за продолжение“

Предраг Петровиќ