На плоштадот „Никола Мартиноски“ во Крушево синоќа свечено беше отворено петотот издание на манифестацијата „Крушево Етно град 2013“.
Културно уметничките друштва од Прилеп, Кривогаштани, Демир Хисар и Крушево изведоа познати ора и песни. Манифестацијата пред големиот број посетители ја отворија Ранко Петровиќ, иницијатор за оваа манифестација, градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески и директорот на историскиот музеј Зоран Богески.
– Пред 110 години, овде од Крушево почна Големото Востание. Да ги поддржиме сите наши херои за кои го славиме нашето Крушево. А сега ние извојуваме победи со нашата туристичка револуција – манифестацијата Крушево-етно град. Им испраќаме порака на сите туристи, на граѓаните на Македонија да дојдат во Крушево, да бидат дел од оваа манифестација, рече Петровиќ.
Според градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески петти пат манифестацијата му овозможува развој на Крушево, го зајакнува како туристичка дестинација.
Директорот на крушевскиот музеј, Зоран Богески, вели дека Крушево има што да понуди и сите потенцијали се уште не се искористени во рамките на манифестацијата.
– Надалеку била позната крушевската чаршија, се тргувало на сите страни. За да го доловиме мигот од илинденскиот период, па и традициите низ вековите и децениите, годинава отвораме пет дуќани во чаршијата. На гостите, посетителите им нудиме ракотворби, еден дуќан е за изработка на буриња, отворен е бакалџиски и дуѓан за фотографирање со туристите. Годинава и угостителскиот еснав поинтензивно ја нуди соработката и ги претставува традиционалните специјалитети од Крушево, вели Богески.
Стотина крушевчани, дуќанџии се во градски, комитски и турски носии и облеки што веќе стана заштитен знак на Манифестацијата.
– Овие денови па се до 10 август ние повторно и се враќаме на традицијата, на истакнувањето на нашето културно и историско наследство, вели Богески.
Синоќа од 22 часот во Горното училиште во Крушево прв пат беше изведена театарска претстава. Премиерно беше прикажана „Мелодија“ од Леонид Зорин во режија на Јован Ристовски.
Денеска во рамките на „Крушево етно град 2013“ среде чаршијата од 11 до 14 часот ќе биде организиран „Ден на серенади“. Во 11:30 часот во Домот на културата ќе биде промовирана книгата „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров.
Од 19 часот на градскиот плоштад ќе биде изведена претставата за деца „Мачорот в чизми“ во продукција на Домот на културата од Македонски Брод. Вечер на градскиот плоштад, историскиот музеј организира „Музичка квечерина кај снопјето“ со настап на КУД „Илинден“ од Кривогаштани.
Крушевскиот меанџиски еснаф, пак, вечер организира средби во чаршијата.
ФОТО: МИА