Патувачкото кино на „Македокс“ стигна до последната станица на петтото синеастичко патување низ пределите на Македонија. Вечерва „Македокс“ е во селото Слоештица, каде што се наоѓа и кампот на екипата на Патувачкото кино.
Бидејќи жителите на селото го слават верскиот празник Голема Богородица и истовремено се одржува манифестацијата „Славење на Пирејот“, во организација на Арт Поинт Гумно, екипата на Патувачкото кино ќе учествува во прославата со беседење пред гробот на книжевниот великан Петре М. Андреевски и со проекција на документарниот филм „Карпо патник“ на Матјаж Иванишин, а ќе бидат проектирани и хрониките што „Македокс“ ги сними во демирхисарскиот регион.
Проекцијата ќе се одржи средсело, а ќе започне во 20.30 часот.
Претходните два дена, на 26 и 27 август ги посетивме Суводол и Сопотница. Селата Суводол и Кутретино речиси се споени, а се наоѓаат во непосредна близина на гратчето Демир Хисар. Патувачкото кино на „Македокс“ одлучи проекцијата на филмовите „Вонземјанинот Ли“ и „Гангстер те сака“ да се одржи покрај домот на културата во Суводол.
Селото Сопотница се наоѓа речиси на средината од патот меѓу Кичево и Битола. Во редот на рамничарските села е едно од поголемите во демирхисарскиот регион со околу 800 жители.
Големината на селото придонела да се развие интерес за културни случувања. Затоа на проекцијата на филмовите „Прилеп – вчера и денес“ на Кочо Недков и „Раселени персони“ на шведските автори Аса Бланк и Јохан Палмгрин се бараше столче повеќе.
– Несебична помош во организацијата на проекцијата имавме од Александар Пејковски, наставник по биологија и хемија во Подрачното училиште „Браќа Миладиновци“, во чиј двор се одржа проекцијата.
Пејковски ни објасни дека во домот на културата во 80-тите години на минатиот век имало проекции на филмови, а многу добро се сеќава на проекцијата на филмот „Пред дождот“ пред 18 години.
Во сите села во демирхисарскиот регион низ кои помина досега Патувачкото кино успеа да ја оствари својата мисија непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, велат организаторите на Македокс
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.