ФОТО: Патувачкото кино на „Македокс“ продолжува во Суводол, беше во Слепче и Смилево

Од:

Патувачкото кино на фестивалот на документарен филм „Македокс“ продолжува со проекциите низ Демирхисарскиот регион. Планираната проекција во селото Бабино е промената и утре ќе се одржи во селото Суводол, кое е речиси, споено со селото Кутретино.

Претходните две проекции, викендов се одржаа во селата Слепче и Смилево. Слепче денес е едно од најурбанизираните села во регионот со модерни куќи, интернет, а над него се издига еден од поубавите живи манастири посветен на Св. Јован Крстител. Брои 720 жители кои се занимаваат со одгледување зеленчук, берење печурки, а доколку добиете желба да станете балерина овде можете да си ги набавите најубавите балетанки, зашто сред село има фабрика за изработка на балетска опрема во која работат голем дел од локалните жители.

makedoxPK

Насмеаните, весели жители на селото Слепче во саботата проследија два филма: „Дае“ на Столе Попов и музичкиот документарец „Звукокршач“ на Кимо Коскела.

Вчера, патувачкото кино беше во селото Смилево. Легендата вели: Имало тројца браќа, Гале, Лазе и Смиле, на кои таткото пред да умре им ги разделил своите овци. Гале го населил селото Галичник, Лазе – Лазарополе, а Смиле го основал Смилево и така настанало ова мијачко село. Денес селото брои околу 300 жители, кои најчесто се вешти градители, билкари, ловџии, а некои од нив прават ќумур на традиционален начин. Во Смилево се родил и Даме Груев, а од 2 до 7 мај 1903 година се одржал и познатиот Смилевски конгрес, на кој било одлучено кога да се дигне славното Илинденско востание.

makedoxPK1

На 900 метри надморска височина под прекрасното ѕвездено небо, жителите на ова легендарно село ги проследија документарците „Напуштени олтари“ од Трајче Попов и „Драган Венде“ на Драган фон Петровиќ.

До крајот на патувачкото кино „Македокс“ ќе има проекции и во Сопотница на 27 август и во селото Слоештица на 28 август 2014 година, каде што „Македокс“ ќе учествува во програмата на манифестацијата „Славење на Пирејот“, во организација на „Артпоинт – Гумно“.

makedoxPK2

Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места.

Би можело да ве интересира

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска

Земја во фокус – Чешка на 13. МакеДокс“

Ана Ололовска

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска