(ФОТО) Македокс: Веќе нема млади автори кои би умреле за својата приказна

Од:

На фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, годинава дојдоа голем број автори и продуценти, во рамки на фестивалската програма „Разговори под смоквата“, тие говореа за современите трендови на документарниот филм и за своите авторски пристапи, разменуваа искуства и знаења стекнати во продуцирањето на креативни документарни филмови, меѓу гостите на фестивалот „Македокс“, годинава беа: Адмир Чулумаревиќ, Анџелка Ненезиќ, Андреа Кун, Роберто Блат, Марта Попивода, Татјана Божиќ, Вања Јамбровиќ, Небојша Слијепчевиќ, Матјаж Иванишин, Младен Ковачевиќ, Оливер Сертиќ, Братко Бибиќ, Владан Петковиќ, а разговорите ги модерираше селекторката на програмата на „Македокс“, Петра Селишкар.

makedonx2014-2 (1)

На прашањето што е клучно за добар документарен филм Адмир Чулумаревиќ од фестивалот „Стариград Пакленица“ во Хрватска вели дека е најважно приказната да има јасна слика и да е поврзана со музиката или со самиот автор.

Од другата страна, нагласи дека веќе не постојат млади автори со таква страст да се борат за големи идеи и за приказни за кои би умреле само да ги видат на големото платно.

makedonx2014-2 (2)

Андреа Кун од Германија, истражувач во полето на филмските студии вели:

-Во Германија документарните филмови се даваат низ киносалите со цел да добијат финансии од фондовите, така што тоа е еден поставен услов по што автоматски се даваат и на телевизија.

Според Анџелка Ненезиќ во Црна Гора има недостаток на документарни филмови и за пет години снимени се само три документарци. Проблемот е во тоа што на одделот за филм предметот за документаристика е тргнат од програмата.

Авторка на филмот „Југославија, како идеологијата го движеше нашето колективо тело“:Марта Попивода од Србија, кој беше прикажан и на Берлинскиот филмски фестивал вели дека филмот го направила врз основа на теориско истражување.

makedonx2014-2 (5)

-Продукцијата на филмот траеше речиси три години, од кои една година беше посветена на истражувањето низ филмските архиви, а потоа ја прецизирав идејата. Филмот не е создаден во вообичаените услови за работа, кога имаш идеја која сакаш да ја претвориш во филм, туку беше направен по принципот на уметничко-теориско истражување како дел од активностите на колективот „Теорија која хода“. Во истражувањето учествувавме две теоретичарки и јас како уметник-режисер во групата. Иако истражувањето низ архивите траеше цела година, сепак некои архивски снимки ги добив во последниот ден од монтажата, рече Попивода.

На годинашното издание на фестивалот беше претставен омаж на познатиот словенечки режисер, директор на фотографија и автор Карпо Година. Авторот на филмот „Карпо патник“, Матјаж Иванишин од Словенија говореше за идејата на неговиот документарец

– Идејата за филмот, на некој начин, беше нарачана. Почнав да размислувам што сѐ снимал Карпо Година и сфатив дека би било премногу во еден филм да ги искористам сите тие работи, така што се фокусирав само на еден негов филм и тргнав на истото патување, како Карпо Година што направил пред 40 години, низ Војводина, рече Иваншин.

Татјана Божиќ (Холандија), авторка на „Среќни засекогаш“ за својот филм вели:

-За проектот почнав да размислувам во 2006 година. Оригиналната идеја беше да бидам претставена како Снежана и седумте џуџиња, бидејќи моите поранешни момчиња беа седуммина. Со снимањето започнав дури во 2011 година. Филмот е многу конструктивен, нема самозалажување и тоа што е претставено е тоа што навистина ми се случуваше во текот на снимањето на средбите со моите поранешни момчиња без никаква глума. Почетната идеја беше филмот да има среќен крај и се борев за тој крај, но сфати дека тоа не бев јас и дека тоа не е вистинскиот крај. Филмот го започнав со буџет од триста долари. За мене филмот беше еден вид еманципација, но и губење на самата себеси во филмот.

makedonx2014-2 (4)

Гостин на фестивалот беше и Младен Ковачевиќ од Србија, автор на филмот „Анплагд“.

-Првичната идеја на документарниот филм беше да прикаже како се свири на некој интересен инструмент, во овој случај, листови од различни дрвја. На општо изненадување мојот филм влезе во жанрот-мјузикл, но интересен е и за етномузиколозите, екологистите, за фестивалите за музички документарци, а најмило ми е што е интересен за публиката. Хуморот во документарните филмови доаѓа од самите ликови. Тие го создаваат хуморот низ шегите што си ги кажуваат меѓусебно, рече Ковачевиќ.

Вечерва, членовите на жирито ќе ја соопштат својата одлука.

Братко Бибиќ од Словенија, член на жири за наградата „Етички идеи“ вели:

-Времето и парите се основата за секој документарен филм, но исто така и уметноста на комуникацијата, односно способноста да се осознае целиот креативен процес. Најчесто луѓето што се дел од проектот не се доволно запознати со целиот процес и тоа на моменти прави да се чувствувам осамено.

Според Владан Петковиќ од Србија, член на жири за наградата „Млад кромид“, денеска се развива мултимедијалноста, така што сѐ што се создава денес се поставува во сѐ поразлични форми, без разлика дали тоа е музика или видео.

makedonx2014-2 (3)

-Луѓето денес сѐ повеќе сакаат да експериментираат, а најмногу со комерцијализација на своите проекти, рече Петковиќ.

Роберто Блат од Шпанија, член на жири за наградата „Кромид“ вели:

-Линијата на животот никогаш нема да исчезне. Во приказната секогаш постои линија што прикажува што се случило и што се случува. Линијата се создава во средина која може да се изрази во најразлични форми. Креативните документарни филмови се создаваат преку средините. Тие ги прават да бидат динамични, но сѐ додека приказната е релевантна, таа е ефективна. Денешните документарци, кои сакаат да ја претстават реалноста, го прават тоа преку патетични херои.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска

Земја во фокус – Чешка на 13. МакеДокс“

Ана Ололовска

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска