ФОТО: „МакеДокс“ отворен во ритамот на мотото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!

Од:

Пулсира и разигрува, инспирира и расплакува, радува и исцрпува, и постојано нѐ води – ритамот на животот. Неретко го задаваат традицијата и војните, очајното бегање преку границите далеку во непознатото, пулсирањето на прегладнетите стомаци и на уморните рударски раце.

Шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој се одржува од 20. до 26. јуни 2015 година, во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар во Скопје, беше отворен во ритамот на мотото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!“.

Makedox6 Prva vecer 02 web

По проекцијата на документарниот филм „Ритам и звук“ на Трајче Попов, во амбиентот на Куршумли-ан се разлејаа звуците на оригиналното музичко интро на Владимир Мартиновски подготвено за црно-белите воведни кадри на филмот „Човекот со филмска камера“ на Ѕига Вертов.

Екипата што го подготвува фестивалот високо над главите подигна главици кромид како симболика на истрајноста, повеќеслојноста, надежта што ја има со отворањето на секое ново издание на „МакеДокс“. Со филмот „Солта на земјата“ Вим Вендерс и Џулијано Рибеиро Салгадо ја подгрејаа надежта дека има спас за планетата Земја, додека документарецот „Семејна работа“ на Ангелики Аристоменопулу ни откри како традицијата се пренесува од колено на колено низ три генерации.

Makedox6 Prva vecer 04 web

Во Куршумли-ан поставена е фотоизложбата „Ехо“ и ќе може да се види ви текот на времетраењето на фестивалот. Од старите фотографии од прилепската чаршија, од страницата на стар Прилеп (oldprilep.com), од тапаните на „Мајовци“, од разбојот на мајсторот на македонската фотографија Благоја Дрнков, која љубезно ни ја отстапи неговиот внук Дејан Личеноски, како и од современите урбани игри на Јака Бабник – пулсира силно РУМ-ДА-ДА, ДУМ-ТА-ДУМ-ТА! Класичните филозофи велат дека човечкиот живот во сите свои манифестации бара хармонија и ритам. Ритамот е игра и се игра во ритам. Секоја од овие фотографии е мала етида, заедно се холографска симфонија на еден универзум кој пулсира. Диригент и публика е набљудувачот!

На 21. јуни во МКЦ започнува Работилницата за ритам, која е замислена како петдневна повеќеслојна шема на повторливи практични активности, предавања и продлабочена дискусија со Братко Бибич, Едуардо Раон, Миха Задникар и Тони Китановски за различните сложени интеракции меѓу документарниот филм и музиката и за улогата на звукот во документарниот филм воопшто. Целта на работилницата е да се направи нова музичка подлога за познатиот филм на Ѕига Вертов „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ од 1931 година.

Makedox6 Prva vecer 05 web

Организирана во соработка со Кинотеката на Македонија и Кинотеката на Словенија, работилницата ќе заврши на 25 јуни 2015 година во Куршумли-ан со премиерно прикажување на филмот и изведба на компонираната филмска музика во живо.

На 22. јуни ќе почне креативната музичка работилница за деца и млади. Работилницата ќе се одржи во Куршумли-ан од 22 до 24 јуни, со почеток во 12 часот. Пријавените учесници ќе имаат прилика да изработуваат инструменти од зеленчуци, овошја и разни материјали, кои ќе научат да ги користат за да произведат звуци. Ментори на работилницата се Сашо Н. Алушевски, Иван Антиќ и Сандра Јовановска, како дел од тимот на „МакеДокс“, и Филис Синаноска од културниот центар „Кула“. „МакеДокс“ и „Кула“ досега соработувале во неколку наврати, меѓутоа ова е прв проект на кој ги соединуваат своите креативни потенцијали.

Филмската програма можете да ја следите на фестивалскиот веб-сајт http://makedox.mk/ и на Фејсбук. Пред почетокот на вечерните проекции во Куршумли-ан, на 21. јуни ќе биде презентирано музичкото парче за воведната секвенца на филмот „Човекот со филмска камера“ подготвено од Мауро де Мартино, додека на 22. јуни ќе го слушнеме парчето на Дуке Бојаџиев.

Makedox6 Prva vecer 06 web

На 21. јуни во МКЦ по проекцијата на документарниот филм „Во потрага по Фела“ на Алекс Гибни ќе се одржи дебата на која ќе учествуваат Филип Јовановски и Костадин Шурбановски, а публиката ќе може да се вклучи во дебатата. Во истиот термин на 22 јуни по проекцијата на „Мерцедес Соса: Гласот на Латинска Америка“ гости на дебатата ќе бидат Ана Мартиноска, Марија Џонс и Ана Василева.

Разговорите „Под Смоквата“ ќе се одржуваат во стандардниот термин од 18 до 20 часот. На 21 јуни во сесијата учествуваат Магнус Гертен (автор на филмот „Секое лице има име“), Миха Чернец („Борба за“/ „Танцувајќи со Марија“, Синиша Гачиќ („Борба за“) и пријателот на „МакеДокс“ – Роберто Блат. На 22 јуни „Под смоквата“ ќе дискутираат Маја Осојник и Матија Шеландер („Рдеча ракета“), Миха Задникар (член на жири за наградата „Етички идеи“) и Братко Бибич (Работилница за ритам и Музичко интро“).

 

Би можело да ве интересира

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска

Земја во фокус – Чешка на 13. МакеДокс“

Ана Ололовска

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска