Во рамките на манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2015“, синоќа во Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци целовечерен концерт насловен “Боите на звукот”, одржаа флејтистот Страшо Темков и пијанистката Марија Вршкова.
Пред кавадарчани Темков и Вршакова се претставија со дела од домашни и странски музички автори.
-Чест и задоволство ми е што настапуваме во Кавадарци. Музиката е како книга и како што има различни жанрови на книги, така има и различни жанрови во музиката. За нас изведувачите секое дело е посебна книга. Во секоја интерпретација ја внесуваме својата душа, нагласи Темков.
Во биографијата на Темков и Вршкова е запишано дека се вбројуваат меѓу малкуте македонски уметници што настапиле во “Карнеги хол” во Њујорк, една од најпрестижните светски концертни сали.