Камерниот оркестар на Битола, кој работи под покровителство на НУ Центар за култура, утревечер од 20 часот, во Македонската опера и балет (МОБ), ќе одржи концерт насловен „Џон Вилијамс симфонија“ (John Williams Symphony).
Новиот проект, Камерниот оркестар од Битола со музичари од МОБ и од Македонската филхармонија го промовираше синоќа во Центарот за култура во Битола. На програмата се застапени најдобрите музички теми од филмовите, „Војна на ѕвездите“, „Супермен“, „Индијана Џонс“ и други, кои заедно со членовите на Оркестарот ги свири и Климент Тодороски, соло-виолина.
Камерниот оркестар на Битола со најновиот тематски концерт, „Џон Вилијамс симфонија“ ја дополнува досегашната листа на концерти, како што се „Лејдис симфонија“, Рок симфонија со Влатко Стефановски, Џејмс Бонд симфонија, концерт со виолинисот Роби Лакатош и други.
Проектот „Џон Вилијамс симфонија“ е поддржан од Министерството за култура и е во рамки на Годишната програма за работа на НУ Центар за култура.
Камерниот оркестар на Битола во текот на оваа година најавува настапи во Португалија, Хрватска и на фестивалот „Рок Вилиџ“ во Банатски Соколац.