Филмот „Медена ноќ“ го отвори 18. Скопски филмски фестивал

Од:

Новиот филм на режисерот Иво Трајков „Медена ноќ“, кој вчеравечер беше прикажан премиерно на отворањето на 18. Скопски филмски фестивал, е инспириран од новелата „Уво“ на чешкиот писател и врвен сценарист Јан Прохаска.

Книгата е напишана во 1965, а по неа набргу е снимен и истоимен филм на чешкиот режисер Карел Кахиња. Филмот веднаш завршил во трезор на забранети книги и е прикажан во 1991, а новелата од заборав била извлечена со повторното објавување во 1989 година.

Трајков денеска на прес-конференција рече дека филмот го гледал во 1980-тите додека студирал на ФАМУ и кога тој бил забранет, а книгата ја прочитал подоцна и таа повеќе го инспирирала за да направи адаптација за филмот „Медена ноќ“.

– Кога ја прочитав, разбрав дека политичката актуелност на филмот, кој е работен според новелата, во одредена мерка неа ја повредува, затоа што речиси целиот фокус е на политичкиот акцент. Мене ми беше жал дека е така, затоа што во книгата е фантастичен односот меѓу мажот и жената, т.е. односот во бракот, сместен во една ноќ, кој ескалира во драмска ситуација. Има политички бекграунд, т.е. политички трилер во позадина, но пред се е фокусиран на двата главни лика, истакна Трајков.

Според него, огромен и многу важен сегмент кој постои во новелата и во неговиот филм, а не постои во филмот на Кахиња е во завршницата. Наспроти филмот на Кахиња, кој завршува со моментот на страв на протагонистите кога дознаваат дека некој се знае за нив, во својот филм Трајков го вклучил крајот од новелата – тие (ликовите) да ја побараат вината и кај себе, односно да се потенцира дека ние сме одговорни за своите животи и постапки.

– Во новелата и во нашиот филм крајот вели: да, стравот е тука, ама ние сме виновни. Затоа што ние сме конформисти, затоа што ние се плашиме, затоа што ние го правиме ова, затоа тие можат да ја управуваат државата или политички да ја водат така како што им треба. Жал ми беше што ова не влегло во тој филм и што во него  има премногу: тие се лошите, нас не узурпираат и се виновни за се. Тоа е еден алибизам. По мое видување, ние сме самите одговорни за своите животи и нашите одлуки овозможуваат да ни се случуваат евентуални нешта…, рече режисерот.

Филмот е копродукција меѓу Македонија („Кавал филм“), Чешка и Словенија, снимен е во Скопје во 2013 година.  Дејството е на почетокот на 1990-тите во Македонија, кога е 10-годишнината од  бракот на Ана и Никола (ги играат Верица Недеска и Никола Ристаноски).

Низ флеш-бек секвенци од прославата на државен празник, се следи втората наративна линија на приказната – брачната криза од која се отсликува професионалниот живот и искушенијата на Никола – заменик-министер  инволвиран во скандал со приватизација на државно претпријатие. На виделина излегуваат сите нивни проблеми, фрустрации и тајни…

Женскиот лик, според Трајков, бара голем драмски потенцијал зашто е  комплексен и со амплитуди, истовременео трагичен и смешен. Актерката Верица Недеска истакна дека и било предизвик повторно да работи со Трајков и со Ристановски.

– Беше огромна комоција да се работи во такво друштво, а да се игра женска карактерна улога кои и во светската кинематографија се многу ретки, кои можат да покажат поголема плејада на способности на самиот актер. Тоа за мене беше огромна чест, но и огромна одговорност, додаде Недеска.

Во екипата се појавуваат и други македонски актери. Директор на фотографија е Милорад Глушица, монтажата е на Андрија Зафрановиќ, сценограф е Иван Бартлинг, костимограф Жаклина Крстевска, а музиката ја компонираше Тони Китановски.

Филмот ќе биде редовно на репертоарот на кино „Милениум“ од 25. април, по завршувањето на Скопскиот филмски фестивал.

 

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

Презентиран тизерот за новиот хорор филм „Him“: Го продуцираше оскаровецот Џордан Пил

Предраг Петровиќ

Поради трагичниот настан во Кочани се одложува Неделата на франкофонскиот филм

Предраг Петровиќ

Кој ќе биде новиот Џејмс Бонд

Предраг Петровиќ

Познатата заводлива русокоса изгледа сосема непрепознатливо

Предраг Петровиќ

Синот на Шварценегер за снимањето на „Белиот лотос“: Семејството се уште не знае за моите голи сцени

Предраг Петровиќ

Том Холанд ќе глуми во адаптацијата на епот „Одисеја“

А1он