Филхармонијата со концерт „Наследство“ ќе одбележи два јубилеја

Од:

Македонската филхармонија вечер со симфониски концерт насловен „Наследство“ ќе одбележи јубилеи на двајца истакнати македонски композитори – 90 години од раѓањето на академик Властимир Николовски (1925-2001) и 65 години од раѓањето на неговиот ученик и наследник на творечката идеја, Томе Манчев (1950).

На програмата се симфонија „Инструментале“ и „По патиштата“ за сопран и оркестар од Николовски и симфонија „Реквием“ за сопран, рецитатор и оркестар и „Стара песна“ од Манчев.

Диригент на концертот е Саша Николовски-Ѓумар, а како солист ќе настапи сопранот Весна Гиновска-Илкова. Во улога на рецитатор ќе биде баритонот Кирју Лијаковски.

Академик Николовски е прв дипломиран композитор во Македонија. Повеќе од стотина дела од речиси сите изрази на класичната музика ја збогатуваат неговата биографија, а посебно место заземаат неговите вокално-инструментални дела (ораториумите „Клименту“, „Кирилу“ и „Непокор“, кантатата „Сердарот“…).

– Академик Властимир Николовски е еден од столбовите на македонската творечка музичка мисла. Овој мошне плоден композитор, кој зад себе остави богатство од дела не во смисла само на квантитетот, туку во смисла на квалитетот и инвенцијата, е всушност средиште или оска околу која кружат другите композиторски пројави на македонското небо, соопшти Филхармонијата.

Томе Манчев, пак,  образованието го стекнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, најпрвин дипломирајќи на педагошкиот, наставно-теоретски оддел, а потоа и композиција во класата на академик Властимир Николовски. Манчев е трипати добитник на наградата „Панче Пешев“ на Сојузот на композиторите на Македонија, на наградата „Трајко Прокопиев“ на СОКОМ, награда за животно дело на Музичките пeдагози на Македонија…

– Тој создаде извонреден опус на дела што се карактеризираат со индивидуален израз и јазик, а некои од нив, освен на домашниот подиум, се изведувани и на странските концертни сцени, информира Македонската филхармонија.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска

Нов протест на филхармоничарите пред Министерството за култура

Ана Ололовска