Седмото издание на Интернационалниот фестивал на „Музика од Светот“ ќе го затвори светски познатата музичка ѕвезда со англо-египетско потекло Наташа Атлас.
На денешната прес-конференција Атлас изјави дека иако првпат доаѓа во Македонија, сепак ги воочила сличностите на музиката што ја негува со музиката од ова поднебје.
– Слушајќи музика од овие краишта пронајдов многу сличности. Кларинетот и користењето на Таксим ги има во мојата, како и во македонската музика. Тоа што го изведувам е слично со македонската музика. Сум патувала низ државите од Балканот, ги знам музичките ритми кои се многу слични, па дури и стомачните танци. Во Македонија, но и во другите држави на Балканот се уште се чувствува влијанието на музиката од некогашната Отоманска империја, рече таа.
На вечерашниот концерт во Битола Наташа Атлас ќе го промовира нејзиниот најнов албум „Илјадници патишта“ снимен со продуцентот Ибрахим Маалоф, а ќе изведе и стари познати композиции.
– Синоќа имавме незаборавен концерт со Керем Ѓорсев Триои камерниот орксетар на Битола, а вечер очекуваме вистински спектакл. Наташа Атлас доаѓа по концертите во Женева, Минхен, Амстердам и Париз, за да и пред битолчани ја презентира стекнатата слава поради успешното претставување на мешавината од западната и источната музика, особено со користењето на современ електронски ритам и арапски мелодии и инструменти, рече меѓудругото Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
Фестивалот „Музика од Светот“ се одржува со поддршка на Министерството за култура, Францускат Алијанса-Битола и Француски институт-Скопје.