Фестивалот за културно наследство во Софија, на кој се претставуваат 40 филмови од повеќе европски земји, синоќа беше отворен во Американскиот центар во општинската библиотека во Софија со краткиот македонски филм „Мир за сите“ од Елизабета Конеска.
Филмот зборува за културниот и верски соживот, прикажан низ чествувањата на Ѓурѓовден во Македонски брод. Пред публиката на фестивалот го претстави директорот на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров.
Фестивалот за културно наследство го организираат „Фондацијата на проф. Детев“ од Бугарија, во соработка со амбасади и културни институти и центри со седиште во Софија.
Партнери на Фестивалот, покрај македонскиот културен центар годинава беа Амбасадата на Шпанија, Италијанскиот институт, Полскиот институт, Унгарскиот културен институт-Балаши, Институтот Адам Мицкијевиќ од Полска и Археолошкиот канал од САД.