Во полн ек се подготовките за второто издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц кој ќе се одржи од 14 – 16 јуни во организација на ЈУ. Детски културен центар – Карпош и поддршка на Градот Скопје.
Овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балтеската уметност и модерниот танц изјавува директорката на установата д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Фестивалската програма опфаќа класичен балет и мноштво од современи стилови. Првата фестивалска вечер, во рамките на фестивалот, Ансамблот на Националната опера и балет ќе ги изведе претставите Шехерезада и Валпургиска ноќ. Втората вечер е посветена на балетските и танцови студија, додека третата фестивалска вечер публиката ќе има можност да ги проследи изведбите на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и ООМБУ. Лазо Мицев – Рале од Кавадарци и Факултетот за музичка уметност – балетска педагогија. Таа разноликост на фестивалот придонесува за афирмација на танцовата уметност кај младата популација, запознавање со иновативната содржина во негување на танцот како уметничко средство на изразност како и оценка на професионалните капацитети и ресурси за развој на танцовата уметност вели уметничкиот директор на фестивалот Маја Каревски, магистер по балетска педагогија.
Оваа година ќе се додели благодарница и статуетка за животно дело на Александар Доброхотов, балетскиот уметник, кој со својата работа придонел оформување на творечките ликови на балетските уметници на сцената на Македонскиот Народен Театар. Статуетките се изработени специјално за Фестивалот за класичен балет и модерен танц од M Аrt Gallery кој е и главниот поддржувач на фестивалот.