Фејсбук и уметност – изложба на Горанчо Ѓорѓиевски во Мала станица

Од:

Во Мала станица, на 13 јуни (понеделник) во 20 часот ќе се отвори изложбата на Горанчо Ѓорѓиевски насловена „Happy Birthday 7.VIII.2014-6.VIII.2015“.

Модерниот свет, сега веќе поодамна, тргна по патот на технолошкиот и комуникациски развој. Последица, цел или причина на оној развој, а можеби и сето тоа заедно, е глобализацијата, која со своите алатки, рекламата и медиумската манипулација, креира промена на свеста на современиот човек поништувајќи една меморија и носталгија, а создавајќи нешто што не знаеме што е. На тој и таков терен, уметникот Горанчо Ѓорѓиевски прави емотивен гест од кој создава концепт за проект, кој се претвора во сериозно уметничко истражување на општествените мрежи.

Започнал со роденденска честитка за пријател на Фејсбук на 7 август 2014 година и продолжил во ист дух секојдневно да праќа честитки на пријателите од Фејсбук, сè до 6 август 2015 година. Така, сега има околу 400 честитки. Прво место од кое закачил честитка беше од Скопје, потоа следат Њујорк, Цетиње, Софија, Загреб, Љубљана итн. Сакал да избегне гугл-фотографии, па направил свои и тоа со мобилен телефон, почитувајќи го на тој начин фотожаргонот на Фејсбук.

Во почеток, тоа биле само фотографии на локации, потоа почнува да обрнува внимание на профилите на пријателите на Фејсбук за да направи фотографии блиски на нивниот карактер и на нивните интереси. „Селфи“ го заменува со своите прсти. Почнува да му станува битно дали профилите се отворени или затворени, дали допуштаат честитката да биде видлива или не, потоа лајковите од пријателите, па лајковите од пријателите на пријателите, па коментарите и споделувањата, и на крајот, интервенциите на честитките, посебно од Божидар Дамјановски, како и визуелните честитки кои него му ги пратиле пријателите за неговиот роденден, по неговиот принцип, нешто како Фејсбук-фидбек. Во текот на работата, понекогаш морал да ги замоли пријателите да го испратат на одалечени локации, да изработи реквизити, скришно да фотографира таму каде што фотографирањето е забрането, стрпливо да чека момент за фотографија итн. На крај сите честитки ги испечатил, ги авторизирал и ги потпишал.

goranco izlozba2

На отворањето на изложбата, посетителите ќе можат да ја пронајдат испечатената авторизирана честитка која им е упатена преку Фејсбук и слободно да си ја земат како поклон .

Соработник или коавтор на дел од делата е и познатиот македонски уметник Божидар Дамјановски кој живее и работи во Белград. Текстот за изложбата го напиша Милош Вујановиќ, професор на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад, а куратор на изложбата е Марјан Ѓорѓиев.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

„Бела ноќ“ во Скопје

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар