Андријана Јаневска, Митан Проект, Сашо Гигов-Гиш Чалгија Блуз, Монистра, Уска Кан и многу фолклорни ансамбли од Македонија, Србија и Бугарија, оваа година ќе настапат на двете сцени на традиционалниот Ethno Square Festival кој ќе се одржи од 28 до 30 август на плоштадот во Берово
Берово е подготвено за исклучителното фестивалско доживување за сите вљубеници на етно музиката. Освен концертната програма во рамките на Фестивалот се оддржува и традиционалниот саем „Малешевијата на дланка“. Шаренилото од бои и богатството на производи на бројните штандови му дава посебен дух на целиот плоштад кој годинава ќе биде збогатен со двете сцени – традиционален фолклор и Етно фјужан.
На традиционалниот саем се нуди Малешевијата како на дланка, со ракотворбите, сувенирите и резбите изработени во традиционален стил. На бројните штандови доминира и медот и млечните производи, познатото беровско сирење, еколошки сокови, оцет и др., подготвени по традиционални рецепти, од природни суровини.
По официјалната програма на Фестивалот, забавата продолжува со концертите на Тони Зен, Кристина Арнаудова, Влатко Илиевски, Dirty Side, Ептен, Штекица и многу други.