Есма Реџепова-Теодосиевска доби титула Национален уметник

Од:

Реномираниот естраден уметник со богата повеќедецениска светска кариера, Есма Реџепова-Теодосиевска ја доби титулата Национален уметник за 2013 година. Од годинава до крајот на животот таа секој месец ќе добива паричен надомест по 60 илјади денари во нето вредност.

– Есма Реџепова-Теодосиевска во последните децении се етаблираше во сите европски и светски центри и ја промовираше македонската култура во меѓународен контекст. Во текот на своите 55 години активно музицирање, учествувала на врвни музички фестивали и манифестации низ светот, со што даде голем придонес во афирмирањето на македонската култура и традиција надвор од нашата држава, рече денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, презентирајќи го добитникот на титулата Национален уметник.

За време на својата 55-годишна кариера, Есма Реџепова-Теодосиевска има остварено повеќе од 12.000 солистички концерти во Република Македонија и надвор од неа. Во дискографијата на Есма Реџепова-Теодосиевска се наведени 15 албуми за домашни и странски продуцентски куќи, а остварила соработка со еминентни музички светски имиња.

Министерката за култура во оваа пригода потсети дека со оглед на тоа што оваа титула претставува најзначајно признание во културата, критериумите дадени во Законот за национален уметник  се строги, но реални, мерливи, универзални  и остварливи.

Ваквата поставеност на критериумите, додаде, го стеснува кругот на потенцијални добитници на титулата, но истовремено, како што истакна, токму желбата да се постигнат и да се исполнат вакви космополитски критериуми, со кои се потврдуваат врвни вредности на едно уметничко творештво, треба да претставува силен мотив и поттик за уметниците.

 Ова признание е само една од многуте мерки кои во изминатиот период ги спроведовме во насока на подобрување на статусот на уметничкиот кадар кај нас. Се реализираа многу вработувања, зголемени се примањата на уметниците, ја воведовме националната пензија и ред други мерки. Македонските уметници се најголеми амбасадори на македонската култура и, како и досега, и во иднина ќе останат наш врвен приоритет, рече Канческа-Милевска.

Одлуката Есма да биде добитник на титулата Национален уметник за годинава ја донела Комисијата за утврдување предлог за национален уметник во состав Стојан Стојков – композитор, Данчо Чевревски – професор на Факултетот за драмски уметности, Влатко Стефановски – музичар, академик Луан Старова и академик Васко Ташковски. На конкурсот објавен во април годинава пристигнале три предлози за титулата. Покрај Есма, преложени биле и Борис Трајанов и Рамзи Бела.

Титулата Национален уметник се доделува на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија.

Есма Реџепова-Теодосиевска е третиот носител на ова највисоко признание од областа на културата, по афирмираните уметници Симон Трпчески, кој беше прв добитник и Милчо Манчевски, кој титулата ја доби лани.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање