„Академски печат“ од Скопје ја објави стихозбирката „Едно лето во Охрид“ од поетот иселеник во Германија Саво Костадиновски, која содржи 30 песни посветени на Охрид.
Во предговорот на поетската збирка Костадиновски пишува дека Охрид отсекогаш му бил копнеж, носталгија, желба и инспирација, особено во годините поминати во туѓина.
-За време на моите одмори во татковината, посетував многу туристички места и со големо задоволство го посетував и прочуениот град Охрид. Со време, сѐ попривлечна ми беше магичната ревиера и Охридското Езеро, така што дојдов на идеја едно лето одморот да го искористам во Охрид и да се восхитувам на неговите знаменитости. Секој ден, спонтано, ми се наметнаа редица песни од кои настана и оваа збирка поезија, вели авторот.
Костадиновски е меѓу најпродуктивните македонски автори во иселеништвото. Неговото обемно поетско и прозно творештво има над 140 објавени книги поезија и проза за деца и возрасни, а автор е на 44 книги поезија и проза кои се објавени двојазично, на германски и на македонски јазик. Половина век живее во Германија, твори и на германски јазик и соработува со Сојузот на германски писатели.
Костадиноски е и колекционер на книги и формирал библиотека со над илјада книги од македонски писатели и поети која ја подарил на библиотеката на Домот на културата во Македонски Брод.