„Еднакви“ е насловот на новиот поетскиот ученички Зборник, во кој се објавени педесетина песни од ученици од основните и средните училишта во Битола. Приредувач на Зборникот е професорката по македонски јазик Мирјана Стојановска, а уредувањето и дизајнот на корица е на Весна Мундишевска – Велјановска.
Зборникот „Еднакви“ содржи песни од ученици од основните училиште „Св.Климент Охридски“ и „Елпида Караманди“ како и од средното техничко училиште „Ѓоги Наумов“ и од медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ кои учествуваа по објавениот конкурс на тема „Еднакви можности меѓу половите во современото општество“.
Издавач на зборникот е Здружението за наука и култура „НОВА“ од Битола, а е објавен со финансиска поддршка на општина Битола.
-Преку поезија, учениците ги искажаа своите ставови против насилството, желбите за еднаквост меѓу половите во современото живеење, проговорија против булингот во училиштата. Учениците покажаа зрелост и свест дека жените треба да имаат еднакви права за човечки, социјален, економски и културен развој, како и подеднакво право на глас во општествениот и политичкиот живот со мажите, велат од Здружението „НОВА“.
Оттаму посочуваат дека еднакви можности младите творци ги гледаат во промовирањето на правата за еднакво учество на жените како и на мажите во сите области од јавниот живот, еднакви права за реализирање на нивните поединечни потенцијали преку кои тие придонесуваат во општествениот развој.
Во песните, како што посочуваат од Здружението, учениците ја вложија својата креативност за поетско творење упоребувајќи стилски фигури кои ги изучуваат во наставата по македонски јазик за да се постигне поголема емоционалност и сликовитост во поезијата.