Џон Ралстон Сол добитник на Светската награда за хуманизам за 2015

Од:

Едно од водечките имиња на светската литература и есеистика Џон Ралстон Сол, претседател на Интернационалниот ПЕН, е деветтиот добитник на Светската награда за хуманизам, што ја доделува Охридската академија за хуманизам, во духот на Св. Климентовата прва средновековна школа за хуманизам во Европа.

Основана во 2007 година, во Охрид, градот на УНЕСКО, што ги следи духовните визии на Св. Кирил и Методиј, заштитиниците на Европа и нивните ученици Св. Климент и Св. Наум, ова меѓународно признание се издигна во светски рамки со престижните добитници кои ја пренесоа славата на Охрид, како словенски Ерусалим на сите Меридијани, соопшти Охридската академија за хуманизам.

Досегашни добитници се: Даисаку Икеда од Јапонија, Маноел Де Оливеира од Португалија, Александар Сложеницин од Русија, Рави Шанкар од Индија, Питер Брук од Велика Британија, Вида Огњеновиќ од Србија, Херта Милиер од Германија и Светлин Русев од Бугарија.

Во писмото до претседателот на Интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш, заблагодарувајќи се за наградата Џон Ралстон Сол пишува дека е вонредно почестен да се вброи во плејадата на големите имиња од светската култура, кои ја добиле оваа награда.

Џон Ралстон Сол, чија книга „Смртта на глобализацијата” како бестселер е објавена на повеќе од 60 јазици во светот, ќе допатува во Македонија на 17 јануари, а свечената церемонија на доделување на наградата ќе биде на 18 јануари, во куќата на МАНУ Уранија во Охрид. Следните два дена, со оглед на тоа што ова е прва посета на претседателот на ПЕН во Македонија, Сол ќе се сретне со претставници на државниот врв и ќе посети поголем број културни и универзитетски установи во Македонија.

Би можело да ве интересира

Романо Проди ќе ја прими Светската награда за хуманизам за 2019

Наум Локоски

Светската награда за хуманизам ќе се доделува во Охрид на 18. јануари

Наум Локоски

Врачување на Светската награда за хуманизам на Јиржи Свобода

Ана Ололовска

Апел за помош на кавадарчанец за лекување во Пекинг

Емир Латифовиќ

Џон Ралстон Сол: Ние сме балансот помеѓу литературата и слободата на изразувањето

Ана Ололовска

Претседателот на меѓународниот ПЕН Ралстон Сол во посета на ДПМ

Ана Ололовска