Дваесет и втор Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Од:

Млади уметници од десет држави ќе се натпреваруваат во дисциплините дувачки инструменти и камерна музика во рамки на 22. Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери 2023“ кој од денеска до 18 јуни ќе се одржува во Охрид.

Младите музичари од Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Полска, Романија, Србија, Словенија, Турција и од Северна Македонија ќе настапуваат во салата Општина Охрид, а натпреварот е отворен за публика.

Како што соопшти Организацискиот одбор, стручната комисија е составена од десет членови, врвни уметници и педагози по флејта, кларинет, обоа, саксофон, труба и хорна, од повеќе европски престижни музички академии, како и од Факултетот за музичка уметност од Скопје.

-Тоа се професорите: Детлеф Бенсман, Дејан Гавриќ и Петер Арнолд од Германија, Роман Видашчек од Полска, Игор Цецохо од Белорусија/Полска, Јасен Теодосиев од Бугарија и македонските професори Гордана Јосифова-Неделковска, Страшо Темков и Васо Ристов, соопшти Одборот.

„Охридски бисери“ е првиот организиран меѓународен натпревар во областа на класичната музика во Македонија, кој од 2002 година до денес поставува високи стандарди во однос на програмскиот концепт и строгата селекција на наградени учесници па така привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет.

Најуспешните натпреварувачи и годинава ќе имаат можност да освојат некоја од вредните награди: парични награди во износ од 1500, 1000 и 500 евра за највисоко рангираните, награди на здруженијата СОКОМ и СМУМ и Фондацијата „Зографски“.

-Општина Охрид на лауреатот, носител на наградата Гран-при му доделува ракотворба филигрански накит, а организаторот на натпреварот вреден накит – охридски бисери. Посебно значајна е и наградата на Европската асоцојација на музички натпревари ЕМСИ, што на добитникот му овозможува годишна промоција на веб-страницата, учества на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови. Исто така, три германски фондации ќе доделат вредни парични награди, наведува Организацискиот одбор на натпреварот.

„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар од нашата земја, член на ЕМСИ од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји. Како што посочува организаторот, токму членувањето во ова здружение го издвојува натпреварот „Охридски бисери“ во однос на бројни други натпревари кои се одржуваат во нашата земја и во регионот.

На свеченото отворање вечер од 20.30 часот во салата на Општина Охрид, концерт ќе одржат членовите на комисијата: Јасен Теодосиев и Петер Арнолд на хорна, Роман Видашчек на кларинет и Дејан Гавриќ на флејта.

Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура на РС Македонија и Градоначалникот на Охрид.

Би можело да ве интересира

Концерти на воените оркестри од армиите на С. Македонија и на САД за Европа и Африка

Ана Ололовска

Концерт на духовна музика на хрватскиот тенор Стијепо Глеѓ Маркос

Ана Ололовска

Музичка младина на Македонија го почнува циклусот концерти „Слободна среда“

Ана Ололовска

Концерт на „Профундис“ И „13 Гудачи“ заедно со светски познатата Ирина Муресану

Ана Ололовска

Концерт на Македонски брас квартет во КИЦ на РСМ во Софија

Ана Ололовска

Концерт на Македонски Брас Квинтет во КИЦ на РСМ во Софија

Ана Ололовска