Дваесет и петтата „Поетска ноќ во Велестово“ свечено ќе биде отворена во петок во 21 часот, со концерт на ансамблот за староградска музика „Билјана“.
На првата вечер од поетската манифестација ќе биде претставена младата македонска поезија со учество на 14 поети – Ѓоко Здравески, Жарко Кујунџиски, Анета Василева, Славица Гаџова, Мане Манушев, Снежана Стојчевска, Ненад Јолдески, Марта Маркоска, Анета Попова, Душко Крстевски, Гаврило Миловановиќ, Винета Огненоска, Драгана Евтмова и Иван Антоновски.
На отворањето ќе биде поставена изложба на сликарот Александар Станковски, насловена „Поетика и политика“.
Интернациналното поетско читање е во сабота, 17 август, а ќе учествуваат шест поети од пет држави – Одвиг Клив од Норвешка, Татјана Данилијанц од Русија, Жељко Миловиќ од Црна Гора, Поли Муканова и Роман Кисјов од Бугарија и Игор Тиш од Словачка.
Дводневната поетска манифестација во охридско Велестово ќе заврши со промоција на стихозбирката „Со други очи“ од Одвиг Клив, во издание на „ПНВ Публикации“. Книгата ќе ја претстави Славица Гаџова.