Во рамки на 39. Денови на македонска музика, вечер во Музеј на Град Скопје ќе има два концерта за кои влезот за публиката е слободен. Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), организатор на фестивалот, за 19 часот најави Концерт на млади композитори, а од 20 часот – концерт на Дувачкиот квинтет на ансамблот „Сонорис“.
На вечерта посветена на младите композитори ќе се претстават студенти по композиција од факултетите за музичка уметност од Скопје и од Тетовскиот универзитет. Нивните композиции ќе ги изведат нивните колеги од инструменталните оддели од факултетите на кои студираат. Ќе настапат и веќе професионални и афирмирани музичари, како кларинетистите Љупчо Чедомирски и Игор Иванов и флејтистката Катерина Бачевска.
На концертната програма на Дувачкиот квинтет на ансамблот „Сонорис“ се премиерни изведби на дела за дувачки квинтет создадени во 2015 година од композиторите Валентина Велковска-Трајановска, Вулнет Таири, Дамјан Темков и Илија Илиевски.
Дувачкиот квинтет на ансамблот „Сонорис“ го сочинуваат: Ванчо Аревски (флејта), Татијана Петрушевска (обоа), Игор Бакревски (кларинет), Антонио Костески (хорна) и Марјан Милошевски (фагот).