Книгата со двете драмски дела „Слана / Јазол“ од младиот автор Душко Трифуновски ќе биде промовирана денеска во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.
Во книгата, која е во издание на „Попули“, по првпат на едно место можат да се прочитаат двете драми на Трифуновски – „Слана“ и „Јазол“ – инаку веќе автор на романот „За два дена рече ’Да‘“. Станува збор за две драми што творат совршена целина и треба да се читаат како два дела на една иста приказна.
Во „Слана“ (веќе еднаш објавена во 2015 година) се запознаваме со брачните партнери Злате и Стојна и нивните деца, Виктор, Маја, Кристина и Марија. На речиси натуралистички начин, Трифуновски ни го покажува нивното тешко и траорно постоење, во економска и општествена стварност на (никогаш споменатата, но очигледно присутната) современа Македонија. Како што ги снемува парите, така со нив исчезнуваат и вредностите на стариот систем во кој владее зборот на таткото, а младите се желни за своето место под сонцето.
Во „Јазол“, пак, натуралистичкото перо на Трифуновски е надополнето со елементи на фантастика и примеси на надреалното. По тешките случувања во „Слана“, духовите на мртвите доаѓаат да ги мачат и да ги опседнуваат живите, кои сè уште се борат за егзистенција во тешкиот и суров современ свет. Покрај развојот (или падот) на семејството на Злате, во овие две драми можеме да го видиме и развојот во стилот на младиот автор, кој бестрашно се впушта во нови писателски искушенија.
Душко Трифуновски е роден на 27 февруари 1997 година во Скопје. Средно образование завршува во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, како правен техничар, а дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, стекнувајќи се со називот професор по македонски јазик и литература. Паралелно се занимава со работата како наставник и со книжевна дејност, учествувајќи на разни конкурси и манифестации. Во 2015 година го објавува самостојно својот прв роман, „Слана“, и истата година за него добива награда за книга со трајни семејни вредности. Во 2016 година првпат објавува драмска преработка на романот и го носи истиот назив, за да покаже дека умее да трансформира еден род во друг. Во 2016 година го објавува електронски романот „За два дена рече ’Да‘“ на е-библиотеката „Македоника“ и истата година добива награда од УНЕСКО за најчитан роман на млад автор.
Промоцијата, која ќе се одржи на терасата на книжарницата „Литература.мк“, ќе ја води уредникот на книгата, Ведран Диздаревиќ.