Државата и музиката – субвенциите паднаа во вода, развојот се потпира на ентузијазмот на бендовите

Од:

Во битолска Магаза во рамки на фестивалот за современи уметности АКТО, вчера се одржа несекојдневна дискусија за македонската музичка индустрија, нејзиниот развој и проблемите со кои се соочува денеска. Нетипична затоа што анегдотите од светот на музиката никогаш не застаруваат, а во нашето музичко поднебје нема доволно простор да бидат споделени. На своето овогодишно издание АКТО овозможи таков простор преку модераторот на музичкиот дел на фестивалот, Виолета Качкова.

Дали на музиката и треба државна помош? Кои се почетоците на македонската рок сцена? Зошто квалитетни македонски бендови не успеаа да изградат светски кариери? На овие прашања се обидоа да дадат одговори: Тошо Филиповски, рокенрол хроничар, Љубомир Стојисављевиќ Кучкар, басист во повеќе легендарни македонски бендови меѓу кои и „Бастион“, Филип Тасевски Фиц од „Новиот почеток“ и музичарот и издавач Мирко Попов.

Панелистите се согласни дека при почетоците од развојот на рок сцената Македонија каскала зад другите земји од регионот. Кај нас се уште немало дискографска куќа и тогаш кога Сараево сфатило дека е пазарот има потреба од издавачка куќа која ќе ги промовира овие бендови, но и потреба од основање на фестивал. Иронично е тоа што Македонија во фабриката Охис во Охрид создавала винил, но го извезувала за други пазари, рече Филиповски.

Според него во 1974 година имало обид да се создаде првата дискографска куќа „Македонија диск“, но основачите се испокарале за тоа кој ќе биде директор и идејата пропаднала.

-Првата бариера за македонските музичари беше тоа што издавачите од регионот бараа да се пее на српско-хрватски, додека вториот услов беше да работиш по нивни пазарни услови, односно активно промовирање на материјалот и промена на живеалиштето. „Леб и сол“ се снајдоа во тој дел и одлучија да патуваат, да го живеат тој рокенрол живот.

Останатите, како „Бастион“, на пример, не беа спремни да се откажат од комоцијата – рече Филиповски.

И покрај тоа што немале услови да се развиваат, бендовите од тоа време произведоа песни кои останаа ненадминати. Според Стојисављевиќ тоа се должи на нивниот ентузијазам.

-Немаше простор, немаше живеачка од тоа. Не водеше ентузијазмот и љубовта кон музиката. Го правевме тоа што сметавме дека е добро и тоа го фуравме. Имаше сцена, постоеше живот. Сега има обид државата преку субвенции да ја помогне музиката, но ништо не видовме од тоа. Само се поделија пари – рече Стојисављевиќ.

Според Мирко Попов државата е незаинтересирана за развој на музиката и тоа го покажува фактот што се уште не е набавен режач за плочи со цел да биде документирано она што било во минатото создадено.

-Нашата музика е најсилниот елемент на нашиот идентитет, што е сега актуелно прашање, а сепак државата не успева да набави режач за плочи, што е главен носач на звук. Државата не се грижи за сопствената музика. Нема ни национален концепт за својата култура, ситуацијата е ужасна – посочи Попов.

-Државата – се надоврза Филиповски – е должна да ги врати условите за непречено функционирање на музиката, не со субвенции, туку со создавање на услови кои функционираа во минатото. Не може да се прежиее од музика затоа што нема услови. Државата треба да создаде пазар каде тоа ќе биде овозможено – додаде тој.

Но ситуацијата не е толку сива. Неколку генерации подолу и размислувањата се многу поразлични. Филип Тасевски Фиц вели дека стегите во нашето мало општество не му пречат на „Новиот почеток“, затоа што тој гледа надеж надвор од границите, во интернационална кариера.

-Сметам дека е сега најдобро време да се биде инди бенд, да се свири инди музика и мислам дека тоа еден ден ќе се исплати – рече тој.

Во рамки на настанот беше отворена и изложба на омоти на плочи од македонски музички изданија. Ѕидовите на Магаза ги красеа албумите на „Леб и сол“, „Конкорд“, „Бастион“, „Мизар“, „Лева патика“ и други кои оставија свој белег.

Омотот на изданијата е уметност сама за себе. Според панелистите омотот ја надополнува музиката и многу често албумот е поистоветуван со графичкиот дизајн.

Во овој контекст и анегдота која што беше споделена со присутните. Омотот на „Бастион“ не бил избран од бендот, туку им бил наметнат од издавачот.

-Ние имавме решение на Милчо Манчевки, кој освен што ги пишуваше текстовите, се грижеше и за визуелниот дел. Имаше идеја, но не ни ја прифатија. Решението кое ни го наметнаа не ни се бендиса тогаш, но од оваа дистанца ми се чини во ред – рече Стојисављевиќ за култниот омот.

Би можело да ве интересира

Перформанси „Дисеминација насекаде!“ и „Слушна реакција на архитектурата“ на колективот ЛИГНА од Хамбург

Ана Ололовска

АКТО Фестивалот ја отвора темата „Современи (не)демократии“

„Еднакви, заедно посилни“ мурал на фасадата на салата „Партизан“ во Кавадарци

Ана Ололовска

Нов мурал во центарот на Прилеп – „Напред, без да се заборави”

Ана Ололовска

АКТО фестивал за современи уметности во Кочани

Ана Ололовска

Петнаесеттиот Акто фестивал за современи уметности продолжува во Гевгелија

Ана Ололовска