Петнаесеттиот Акто фестивал за современи уметности продолжува во Гевгелија

Од:

Со изработка на мурал на ѕидот на приватна куќа на улицата „Маршал Тито“, спроти Музејот во Гевгелија, продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У). Автори на муралот се уметникот Миле Ничевски во соработка со М.Ц, и е во продукција на ФР~У во партнерство со БОШ ФЕСТИВАЛОТ.

После минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО со муралот во Битола како и муралот на домот на култура во Ченто, АКТО продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.

Претходните два мурала, во Битола и во населбата Ченто-Скопје, беа изведени на јавни институции, центри за култура, со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно, додека овој мурал насловен симболично „Физичка дистанца, социјална блискост-комшијата и во арно и во лошо” не случајно е изведен на приватна куќа и директно реферира на солидароста на локалната заедница за време на пандемијата со ковидот. Авторите Ничевски во соработка со М.Ц во идејното решение за овој мурал реферираат на познатата модернистичка слика на Хенри Матис насловена „Танц” (La Danse) но овојпат ставена во локален контекст реферирајќи на солидарноста за време на пандемијата, ограничувањето со физичка дистанца од два метра но сепак потенцирање на социјалната блискост и радоста да се живее животот со сите ограничувања.

– Овој мурал повикува на повторно обединување во социјалните релации и блискост на комшиите но со држење на физичка дистанца. Муралот повикува на солидарност на комшиите, на заедништво во борбата со пандемијата која во изминативе неколку месеци потполно го редефинира секојдневното живеење. На муралот во еден дел стои и натписот на гевгелиски дијалект „И уф арно и уф м`ка комшијата е тука”, што во „превод”значи „Комшијата и во арно и во лошо”, наведуваат организаторите на АКТО.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои се изработуваат во уште четири други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес и Кочани, а веќе се заврши муралот во Битола кој за жал беше нагрден со пораки на говор на омраза само неколку часа подоцна како и муралот во населбата Ченто во Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.

– Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно, велат од АКТО.

Во општество, посочуваат од таму, каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!

Организаторите информираат дека покрај муралите годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО ќе вклучува и други содржини кои ќе се објават дополнително.

За авторите на муралот во Гевгелија: Миле Ничевски (Гевгелија, 1972), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, педагошки отсек, насока графика (1998). Магистрант е на Факултетот за Арт и Дизајн отсек – визуелни комуникации при Европскиот универзитет во Скопје. Раководител е на Домот на култура, Гевгелија. Бил претседател на управниот одбор на Народен Музеј – Гевгелија, член на интернационалната уметничка група G.E.M, а работел и како доцент на Факултетот за арт и дизајн, на Европскиот универзитет во Скопје. Во 2006 година престојувал во Париз на студиски престој. Реализирал повеќе самостојни изложби и учествувал на групни изложби во земјава и странство: Италија, Грција, Србија, Бугарија, Полска, Франција, Германија и САД. Се занимава со сликарство, цртеж и стрип. Автор е на неколку кирилични фонтови и на следните книги/учебници: “Основи на Типографија”, “Основи на графички дизајн”.

Бош Фестивал е мултимедијална платформа, низ која се слави креативниот израз во урбан контекст. Или поинаку кажано, БОШ е обид за естетизирана артикулација и осмислување на т.н. ‘додадена вредност’ на урбаната култура…БОШ е процес на создавање на еден типично-поразличен, несекојдневен и неконвенционален, јавен_простор… Простор, кој постојано се ре-дефинира, преку урбаните уметности, односно уметностите во урбан контекст… Простор, кој е доволно оргинален и опиплив, динамичен и пулсирачки, провокативен и/или контроверзен… Но пред сè, отворен и достапен за секого!БОШ фестивал за прв пат се одржа во 2009 година.

Акто фестивалот за соврмени уметности започна да го организира фестивалот Акто во 2006 година во Битола, по што Акто се разви во отпорна, силна и контекстуална платформа за промоција и креирање на интердисциплинарни критички програми и концепти. Акто е фестивал на современи уметности кој се обидува да ги отвори не само темите кои се важни за моменталната социјално- политичка и уметничка реалност, туку и да стимулира формати на продукција кои ќе ја „размрдаат“ состојбата на status quo. Фестивалот се одржува секој август, во Битола, и претставува паралелен настан со субвертирачка и еманципирачка мисија кон настаните кои се организирани од страна на локалните општини и културните институции.

Би можело да ве интересира

Перформанси „Дисеминација насекаде!“ и „Слушна реакција на архитектурата“ на колективот ЛИГНА од Хамбург

Ана Ололовска

АКТО Фестивалот ја отвора темата „Современи (не)демократии“

„Еднакви, заедно посилни“ мурал на фасадата на салата „Партизан“ во Кавадарци

Ана Ололовска

Нов мурал во центарот на Прилеп – „Напред, без да се заборави”

Ана Ололовска

АКТО фестивал за современи уметности во Кочани

Ана Ололовска

15. АКТО Фестивал за современи уметности продолжува во Домот на култура во населба Ченто

Ана Ололовска